!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почина канадскиот пејач, поет и уметник Леонард Коен


       
Монтреал, 11 ноември, 2016 - 10:15 (META) 

Вчера, на 82-годишна возраст, почина канадскиот пејач, текстописец и поет Леонард Коен. Веста за неговата смрт е објавена на официјалниот фејсбук-профил на музичарот, но не се наведени детали околу причините за смртта.

„Со длабока тага соопштуваме дека почина легендарниот поет, текстописец и уметник Леонард Коен“, стои во соопштението.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му оддаде почит на пејачот, кој беше еден од највлијателните музичари и текстописци, кој со својот впечатлив баритон раскажуваше приказни за љубов, смрт, омраза, војна и за мир.

„Со длабока тага ја примив веста за смртта на легендарниот Леонард Коен. Тој ќе остане запаметен по своите груби вокали, карактеристичниот хумор и прогонувачките лирики кои ги направија негови песни омилени за многу генерации“, изјавил Трудо, пренесува „Би-би-си“.

Коен се појави во 1960-тите години, заедно со други музчки легенди, меѓу кои и годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, и неговиот сонародник Џони Мичел.

Во петдецениската кариера Коен објави 14 студиски албуми, од кои последниот, насловен „Сакавте помрачно“ (You Want It Darker), минатиот месец.

Во 2008 година канадскиот музичар беше примен во „Рокенрол холот на славните“.