Почина актерскиот доајен Димче Мешковски

За голем дел од јавноста, особено помладата публика, ќе остане запаменет по култната натсинхронизација на Гаргамел во цртаниот филм „Штрумфови“.

Драмскиот театар соопшти дека на 78-годишна возраст денеска починал актерот Димче Мешковски. Комеморацијата по повод неговата смрт ќе се одржи на 28 март, со почеток од 12 часот, во Драмскиот театар.

Познатиот македонски актер е роден на 31 октомври 1945 година. Целата професионална кариера ја помина во Драмскиот театар – Скопје, а ќе остане препознатлив по улогите во театарските претстави „Диво месо“, „Солунски патрдии“ и „Хамлет од Долно Гаштани“.

Македонската публика го препознава по радио-драмите и учеството во хумористичните серии „Хихирику“ на Радио Скопје. Димче Мешковски е препознатлив и по култните улоги во македонските филмови, меѓу кои „Викенд на мртовци“, „Републиката во пламен“, „Македонски дел од пеколот“, „Среќна нова 49“ и други филмови.

За голем дел од јавноста, особено помладата публика, ќе остане запаменет по позајмувањето на гласот и натсинхронизацијата на цртани филмови на Македонската телевизија, а како култна ќе остане натсинхронизацијата на Гаргамел во цртаниот филм „Штрумфови“.

Димче Мешковски во својата професионална актерска кариера има добиено повеќе награди, вклучувајќи ја и наградата „13.Ноември“ и „Ристо Шишков“, како и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.