Почина хрватската писателка Дубравка Угрешиќ

Поради антинационалистичките ставови и нападите кон неа, Дубравка Угрешиќ на почетокот од 90-тите години се отсели од Хрватска

Извор на фотографија: By David Shankbone - Own work, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=18694931

Познатата хрватска писателка Дубравка Угрешиќ почина денеска на 74-годишна возраст во Амстердам, во кругот на своите пријатели и семејство, информираше загрепскиот Мултимедијален институт, пренесува Индекс.хр.

Писателката Угрешиќ поради нејзините антинационалистички ставови, на почетокот од 90-тите години на минатиот век се отсели од Хрватска во Амстердам поради медиумските напади и дел од јавноста кон неа. Од 2001 година живее и работи во холандскиот главен град.

Добитничка е на познати книжевни награди, вклучувајќи ја и наградата на српското списание НИН и меѓународната награда за книжевност Neustadt. Авторка е на неколку меѓународно признати книжевни дела, кои ѝ се добро познати на македонската јавност, меѓу кои се: „Лисица“, „Баба Јага снесе јајца“, „Министерство на болката“, „Забрането читање“, „Култура на лагите“ и „Животот е бајка“. Нејзините книги се преведени на повеќе од 20 јазици.

Животното творештво на Дубравка Угрешиќ се движи од книги за деца објавени во 70-тите години на минатиот век, преку постмодернистички дела во 80-тите години, до есеи со кои опфаќала теми за прашањето на идентитетот и националностите во рамките на социјалните, историско-политичките и културните рамки кои настанаа со распадот на Југославија и Берлинскиот ѕид. Нејзините дела се обележани со ретка комбинација на иронија, полемичност и сочувство, се наведува во соопштението на Мултимедијалниот институт од Загреб.