Во сеќавање на Шинејд О’Конор: Бунтовничка чиј глас можеше да „распука камен“

Добитничката на Греми светската слава ја стекна во 1990 година со нејзиниот хит балада „Nothing Compares 2 U“ и издаде десет студиски албуми во текот на нејзината кариера

Фото: Bryan Ledgard, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Светот тагува по ирската бунтовничка од Даблин, Шинејд О’Конор која почина вчера на 56 години. Колегите музичари како Алисон Мојет и Масив Атак го пофалија нејзиниот извонреден глас „кој можеше да распука камен“ и нејзиниот страстен дух. Јах Вобл ја опиша како вистинска „келтска жена воин“, пренесе Би-би-си.

„Искрено, да посведочам за нејзиниот глас, интимноста во студиото. Огнот во нејзините очи ве тераше да разберете дека нејзиниот активизам е душевна рефлексија, а не политички гест“, рекоа Масив Атак.

Музичкиот новинар Дејв Фенинг, кој го направи првото интервју со Шинејд О’Конор и ја има сретнато повеќе од 200 пати, ја опиша како „дарежлива личност“, но призна дека била „поларизирачка“ фигура.

Политичките личности, исто така, и оддадоа почит на О’Конор, вклучително и ирскиот претседател Мајкл Д Хигинс, кој рече: „Човек не може, а секогаш да не биде импресиониран од длабочината на нејзината бестрашна посветеност на важните прашања што таа ги предочи на јавноста“.

Добитничката на Греми со детско лице и избричена глава,светската слава ја стекна во 1990 година со нејзиниот хит балада „Nothing Compares 2 U“ и издаде десет студиски албуми во текот на нејзината кариера. Животот на О’Конор беше обележан и со триумфи и со тешкотии.

Во 1992 година, таа се соочи со контроверзии откако ја искина сликата на папата Јован Павле Втори во американското ТВ шоу „Сатердеј Најт Лајв“ (Saturday Night Live) во знак на протест против сексуалната злоупотреба на деца во Католичката црква.

Таа доживеа лична трагедија во јануари минатата година кога нејзиниот 17-годишен син Шејн беше пронајден мртов. Во еден од нејзините последни твитови таа го нарече „љубовта на мојот живот, светилка на мојата душа“.

Нејзиното семејство вчера со тага ја објави веста за нејзината смрт. Причината за смртта сè уште не е позната. Шинејд Мари Бернадет О’Конор е родена на 8 декември 1966 година.