!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Општина Центар: Во ДУП никаде не постои улица на кејот, Трајановски ги крши законите


       
Скопје, 19 март, 2017 - 11:40 (META) 

Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која според актуелниот детален урбанистички план (ДУП) никаде не постои, велат од Општина Центар.

„Вчера, Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидоа да ги кршат законите и да ги манипулираат граѓаните, кои мора да ја знаат вистината за улицата што Град Скопје сака да ја прави на кејот на Вардар и чија е одговорноста за оваа незаконска одлука. Во постоечкиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено таква улица, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради. Доколку е потребна сервисна улица за зградата на ‘Телеком’, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП“, стои во соопштението од Општината.

Оттаму велат дека Општина Центар досега ја блокирала изградбата на улицата со сите расположливи механизми и дека ќе продолжи да го прави тоа, за да го заштити кејот на Вардар. Од Општината го повикуваат државниот инспекторат веднаш да го преиспита „незаконски издадено одобрение за градба од страна на Град Скопје“, кое градоначалникот Коце Трајановски го потпишал на 31 декември 2016 година.

„Градоначалникот Коце Трајановски и неговата партија мора да разберат дека од пролетта 2013 година, општина Центар престана да биде полигон за незаконски и криминални активности. Инспекциските служби на Општина Центар ќе направат увид во постоечката документација и ќе го информираат државниот инспекторат, за истиот да се произнесе за оваа незаконска градба“, нагласуваат од Општина Центар.

Вчера, на Кејот 13 Номеври почнаа градежните работи за изградба на спорната улица што наиде на силно негодување и кај сопствениците на околните угостителски објекти, кои излегоа на протест.