fbpx

Нов планински туристички производ кој ги поврзува Македонија, Албанија и Косово

-

Нов транс-национален планински туристички производ „Хај скардус треил“ (High Scardus Trail) кој ги поврзува планинските масиви во пограничните области на Албанија, Македонија и Косово беше промовиран на 11 август во Пешкопеја, Албанија.

Во рамките на промоцијата, имаше и промотивно планинарење на две групи по две патеки патеки кои се дел од ХСТ,  Битуше – Веливар – Хиноске и Торбешки мост – Кораб – Радомир.

Планинарите кои тргнаа од Битуше, Македонија на врвот Веливар се сретнаа со планинарите кои тргнаа од Попинар, Албанија и заедно се спуштија во селото Хиноске, Албанија.

Планинарите кои пак го искачија Кораб, на врвот се сретнаа со планинари од Албанија и заедно се спуштија до Радомир, Албанија.

ХСТ има вкупна должина од 495 километри и овозможува создавање на тури со различни должини, траење и нивоа на тежина. Постојат 16 главни секвенци и бројни поврзувачки патеки кои водат до населени места и служат како влезни или излезни точки до или од главната патека.

„495 километри долгата мрежа на патеки го носи латинското име на најголемиот масив во регионот Шар Планина – Скардус, шарена планина. И токму таков разнолик и шарен е и новиот производ со на бои, пејзажи, биодиверзитет, луѓе, традиција, храна“, изјави Аница Палацо, координатор од Македонија на проектот „Перспективи во иднина преку планинскиот туризам“, спроведен од страна Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ).

Целта на проектот е да ги подобри можностите за вработување во туристичкиот сектор во пограничниот регион помеѓу Македонија, Косово и Албанија преку развивање и промовирање на постојните и новите регионални авантуристички понуди за туризам.

Преку овој проект сместувачките капацитети на руралните средини во пограничниот регион се зголемиле со нови 50 легла, а 21 мали претприемачи ги подобриле туристичките услуги надгардувајќи ги нивните капацитети, знаење и вештини. Во рамките на проектот 17 локални претставници биле финансиски поддржани за да нудат туристички услуги преку подобрување на сместувачките капацитети но и угостителство, од кои 13 биле старт-ап бизниси (6 во Албанија, 3 во Косово и 4 во Македонија).

Заменик-министерот за туризам на Албанија, Хајрула Чеку при промоцијата во Албанија рече дека ХСТ претставува диверзификација на туристичките понуди и производи.

„Поврзувањето на селата се добра шанса за соработка на регионот, односно на овие мали земји да им се даде шанса да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Тоа е одлична можност за развој на локалната економија преку зголемување на понудата на рестораните, приспособување на куќите за прием на туристи, работа на туристичките водичи и сите што даваат услуги“, рече Чеку.

Од германската амбасада во Албанија истакнаа дека и понатаму ќе поддржуваат вакви проекти кои ќе генерираат економски бенефит за локалното население, развој на туризмот и поврзување на пограничните региони.

Од таму изразија надеж дека проектот ќе заживее, дека ќе има голем број на туристи, ќе ги приближи луѓето од Македонија, Косово и Албанија преку нивното гостопримство и природни убавини, а во исто време ќе има влијание економијата.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...