Формирана Асоцијација за авантуристички туризам на Западен Балкан

Мисијата на ААТЗБ е да ги обедини тур-операторите од Западен Балкан, да ги води во одговорен авантуристички туризам и да ги зачува природните и културните богатства на регионот

Фото: ААЗТБ

Формирана е Асоцијацијата за авантуристички туризам на Западен Балкан (eng. Western Balkans Adventure Travel Association – WBATA), прва регионална организација за авантуристички туризам, чија улога е да го претстави Западен Балкан како една голема авантуристичка дестинација преку заедничка промоција и регионални понуди.

Мисијата на ААТЗБ е да ги обедини тур-операторите од Западен Балкан, да ги води во одговорен авантуристички туризам и да ги зачува природните и културните богатства на регионот.

Иницијативата дошла од регионалниот настан „Авантуристички туризам на Западен Балкан – Колашин поврзува“ на кој се сретнале 40 тур-оператори за авантуристички туризам од шест земји од Западен Балкан, со цел да се вмрежат.

На настанот во Колашин биле присутни и гости од амбасадите на САД и Германија во Црна Гора, како и признати меѓународни експерти за авантуристички туризам.

„ААТЗБ ќе се залага за признавање на влијанието и улогата на секторот за авантуристички туризам од страна на владите, а во соработка со локалните заедници, јавни институции, граѓански сектор, приватен сектор како и меѓународната заедница со цел да се влијае на унапредување на стратегиите за туризам, како и усогласување на политиките со тоа што туристичката индустрија го бара, преку истражување и споделување на искуствата на здружението да се унифицираат стратегиите на владите во Западен Балкан во областа на туризмот“, се вели во соопштението.

Овие заеднички цели и задачи, велат од ААТЗБ, произлегле од колективното искуство и идеја на тур-операторите, водичите и љубителите на природата.

Регионалната организација, чие седиште ќе биде во Жабљак, треба да ја подобри соработката помеѓу тур-операторите за авантуристички туризам во Западен Балкан, да го олесни развојот на прекуграничните туристички производи и на одржливите деловни практики, и да спроведе заедничка визија за Западен Балкан како заедничка поврзана дестинација.

Ана Вуковиќ, идниот генерален секретар на ААТЗБ, го дели ентузијазмот со основачите на регионалната организација.

„Во рамките на здружението, постои заедничка посветеност да се тргне по пат со доста предизвици, но им дава предност на интегритетот и одговорноста пред останатите полесни опции. Со тим од посветени поединци кои ги сакаат своите заедници и природата и кои поседуваат огромна позитивна енергија и мотивација, верувам дека успехот е загарантиран“, вели Вуковиќ.

Тур-операторите за авантуристички патувања особено ги ценат предностите на регионалното здружување.

„Долгогодишниот сон има голема шанса да стане реалност – нашите колеги авантуристи и професионалци се здружуваат за да изградат заедница фокусирана на одговорна иднина исполнета со авантури во Западниот Балкан. Обединети од страста и љубовта кон нашата природа, ние се фокусираме на негување на чувството за заедништво, славејќи ја уникатноста на секој поединец и различните култури кои го сочинуваат Западен Балкан“, вели Борис Стијеповиќ, тур-оператор за авантуристички патувања во природа од Црна Гора.

„ААТЗ е многу потребна во регионот на Западен Балкан за да можат тур-операторите да започнат со најразновидните тури, богати со природно и културно наследство, со најдобрите авантури што можат да се доживеат во текот на летото и зимата во овој дел од светот, во Динарските планини“, вели Беким Битиќи, тур-оператор за авантуристички патувања во природа од Косово.