МАНУ ќе прави напори да не се менува нејзиното име


       
Скопје, 11 септември, 2018 - 19:00 (META) 

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе се консултира со експерти за да се утврди дали постои можност за поголема флексибилност во однос на прашањето за преименување на оваа институција согласно одредбите од Договорот од Преспа, беше кажано вчера во научната расправа „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликација врз евроатланските интеграции на Република Македонија“ што ја организираше МАНУ.

Претседателот на Академијата, Таки Фити, кој инаку го поддржува договорот за името, рече дека тој е најдобриот можен компромис што носи евроатлантска перспектива и економски развој и покрај тоа што во текот на преговорите МАНУ побара името со географска одредница да важи само за меѓународна употреба. Фити меѓутоа рече дека ќе се разгледаат сите опции за МАНУ да не го менува своето име.

Академик Владо Камбовски во разговор со новинарите по завршувањето на првиот дел од научната расправа „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликација врз евроатланските интеграции на Република Македонија“ нагласи оти во Договорот јасно се дефинира каде се користи придавката.

– Таа се користи за јавните институции, чиј поим е доста широко определен, кои вршат јавни функции, но и јавните институции во сферата на културата,  образованието, науката. Ова останува евентуално предмет за натамошни разговори во духот на едно бона фиде толкување на таа одредба во однос на инстиуции кои се во независната сфера на општеството како МАНУ, поради нивното брендирање во светската, научната и културната јавност. Да можат да го задржат тоа име и придавката македонски – рече Камбовски, нагласувајќи оти за ова прашање ќе се разговара со други научни академии.

Премиерот Зоран Заев побара од МАНУ поддршка за договорот за името со Грција и за референдумот. Заев пред академиците рече дека овој договор го гарантира идентитетот и јазикот и со тоа земјата станува рамноправна со другите членки на НАТО и ЕУ

Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека на 30 септември, граѓаните имаат единствена можност да ја обезбедат иднината што ја сакаат.

-Знам дека повеќето граѓани и родители во Македонија ја гледаат ситуацијата и сакаат нивните деца да живеат во безбедна, просперитетна, инклузивна демократија. Тие сакаат да ја видат оваа земја како место на надеж. Мислам дека ова е единствен момент во историјата на Македонија да ја искористи оваа можност – порача амбасадорот Бејли.

За време на дебата, шефот на дипломатијата Никола Димитров и германскиот амбасадор Томас Герберих апелираа до опозицијата за конструктивност.