По одржаните состаноци со Централниот и Извршниот комитет, а имајќи во предвид сето она што претходно го напоменав и јасниот став дека овој Договор е неприфатлив за нас, како и тоа дека се работи за надпартиско прашање, донесовме одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ноќеска, по завршувањето на состаноците на највисоките органи на партијата.

Во долгото обраќање, во кое го повика премиерот Зоран Заев на ТВ дуел, Мицкоски нагласи дека Договорот со Грција за смена на името е документ кој тој и и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаат.

– Затоа што е надвор од нашите принципи и начела. Ние остануваме на ставот дека сме против овој Договор, затоа што веќе е апсолвирано, и секому јасно дека со овој договор се менува Уставот на Република Македонија, се менува институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет на еден народ, една  држава,  се менуваат патните исправи, се менуваат личните документи. Се прифаќа комисија за разгледување и ревидирање на културата и традицијата што ќе отвори пат во иднина кога ќе посака јужниот сосед да ги блокира евроатланските интеграции на државата да може тоа да го стори кога сака и како сака. Сето ова е спротивно со нашите ставови, а ние не можеме едно да велиме сега, а друго утре. Тоа јас не можам да го правам, нема да го правам, бидејќи е неодговорно. Ги губиме сите позиции, целата предност сите аргументи стекнати низ годините наназад. Со овој Договор исчезнува Резулуцијата на ОН, Времената спогодба, но и Хашката пресуда – порача Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека тоа не значи дека партијата е против ЕУ и НАТО.

– ВМРО-ДПМНЕ напоменувам и потенцирам е за членство во НАТО и во Европската Унија. Toa се нашите пријатели и партнери. Република Македонија не смее да има поинаква иднина освен онаа трасираната кон овие организации. Но воедно ние сме  силно против Договорот, затоа што тој не ги одразува интересите на Република Македонија и се коси со Уставот и принципите на оваа земја – рече Мицкоски.

На крајот тој го повика премиерот и претседател на СДСМ на ТВ дуел.

-Имајќи предвид дека поминаа четири месеци од нашето последно јавно соочување, а се случија многу работи, почитуван претседател на владата, Зоран Заев ајде заедно на дебата, на ТВ дуел, затоа што имаме на маса  договор со Грција, има многу лаги и лажни очекувања, афери, корупција,  скандали, затоа што многу работи мораат да бидат слушнати, јасно и гласно. Ајде  пред граѓаните да разговараме отворено јас и Вие и искрено за сите случувања што  изминаа минатиот период за договорот, но и за сите останати теми кои што живот значат за граѓаните пред 30 септември – рече Мицкоски.