fbpx

Манчевски: Владата сака независна МРТ и професионални регулаторни тела

-

Владата се залага за создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните. Наша цел е МРТ да биде целосно непристрасен и независен медиум, а регулаторните тела да бидат транспарентни, професионални и компетентни. Особено е важно во регулаторните тела и националниот радиодифузер да не членуваат високи партиски функционери, поранешни пратеници, кандидати за градоначалници и роднини на партиски функционери, како што е тоа сега. Регулаторните тела и МРТ треба да се остават на медиумските работници. Медиумите треба да се остават на медиумските работници, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој се обрати на завршниот панел на Петтата конференција за медиуми на Југоисточна Европа, што изминатите два дена се одржуваше во Струга, во организација на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир со поддршка на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.

Манчевски се осврна на измените на Законот за АВМУ, за кој рече дека дава шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите и ја повика опозицијата да овозможи чистење на сферата од партиските влијанија.

– Во моментот Законот е во Собраниска процедура. Јас се уште искрено сакам да верувам дека колегите од опозицијата ќе ја увидат потребата од што поскоро носење на овој закон. Но, за жал тоа по се изгледа не е така. Токму вчера бевме сведоци на амандманска расправа во Комисијата за транспорт и врски во Собранието, каде пратениците од опозицијата беа против јавно претставување на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Да се биде против транспарентност и јавност во изборот на независни регулаторни тела, е да се биде против демократските вредности и слободата на медиуми. Тоа нема да го дозволиме. Никогаш повеќе нема да дозволиме политичарите да се пазарат зад затворени врати, а граѓаните да дознаваат за одлуките, откако тие веќе ќе бидат донесени. Се надевам дека и опозицијата ќе го сфати тоа – информираше министерот Манчевски.

Во својот завршен говор министерот Манчевски, даде осврт на дигитализацијата и слободата на говор, како и на глобалниот проблем со „лажните вести“. Како што рече тој, не смее повеќе да се дозволи меѓународната заедница да ги исправа работите, туку треба медиумската дејност да се остави на професионалците.

– Медиумите и медиумските работници се тие кои треба да бидат мотор на промените. Не смееме да се доведеме во состојба каде поради нарушените медиумски слободи, политичарите, партиите или меѓународната заедница да интервенира, како што беше тоа случај изминатите 2-3 години. Доброто владеење и слободата на медиумите се меѓусебно зависни. Само кога новинарите ќе добијат простор да работат слободно, да набљудуваат, да поставуваат прашања и да известуваат, без страв од притисоци и закани, само тогаш сите граѓани можат да бидат сигурни дека носителите на одлуки ќе се придржуваат до највисоките стандарди – заклучи министерот за информатичко општество и администрација.
 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Наплата на даноци и трошоци за плати и комуналии во 2023: Струга, Тетово, Чаир и Скопје

„Договорни услуги“ во износ од стотици илјади евра, платите и придонесите доминантна трошковна ставка во буџетите на локалните власти. Во второто продолжение на „Анализа“ се претставуваат податоци за приходите...