!Пристапот кон Мета.мк е слободен, без регистрација, за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести.
Пренесувањето и преземањето на содржините од Мета.мк е бесплатно во промотивниот период, но со задолжително атрибуирање и линкување.

Македонската амбасада во Осло, меѓу првите 10 на листата за неплаќање сообраќајни казни


       
Осло, 7 јануари, 2016 - 10:12 (META) 

Македонската амбасада во Осло, Норвешка, на градот му должи повеќе од 1.500 евра за неплатени паркинг-казни за непрописно паркирање. Норвешкиот портал „Ослоби“ (Osloby), портал на угледниот весник „Афтенпостен“, пренесува дека македонската амбасада е на седмото место од светските амбасади во Норвешка со највисок неплатен долг од казни за паркирање.

Повикувајќи се на информации од даночната управа во Осло, „Ослоби“ забележува дека долгот од неплатени паркинг-казни за македонската амбасада е 15.150 норвешки круни, односно околу 1.560 евра. Во листата од 10 дипломатски претставништва кои се кријат зад дипломатскиот имунитет и сè уште не платиле за непрописно паркирање се и Грузија, Мароко, Виетнам, Ирак, Кина, Судан, Пакистан, Иран и Израел.

Неплаќањето паркинг-казни се чини дека подолго време е навика на македонската амбасада. Пишувајќи на истата тематика, односно дипломатско избегнување на обврската да се платат казните за непрописно паркирање, во 2013 година весникот „Афтенпостен“ забележува дека македонската амбасада била на четврто место од сите амбасади според неплатени казни. Тогаш Македонија должела 21.150 норвешки круни поради непрописно паркирање.

Според информациите на интернет-страницата на општина Осло, казната за непрописно паркирање во градот е 500 круни.

Властите во Осло подолг период се соочуваат со проблеми поради светските дипломати кои се кријат зад дипломатскиот имунитет за да избегнат плаќање казни за сообраќајните прекршоци како непрописното паркирање и сообраќајните незгоди низ норвешката престолнина.