Каменос: Нема да има решение за името, не прифаќам име со терминот Македонија


       
Атина, 22 мај, 2018 - 16:57 (META) 

Грчкиот министер за одбрана и коалициски партнер во владата, Панос Каменос, вели дека решение за името нема да се најде. Лидерот на Независни Грци во интервју за радиото „Алфа989“ уште еднаш ја повтори позицијата дека неговата партија нема да гласа за сложено име со терминот Македонија, без разлика дали, како што рече, ќе се вика „Илинден, Свети Илија, дали ќе се вика Горна, дали ќе се вика Долна, Вардарска Македонија, тоа е Македонија“.

– Верувам дека нема да се најде решение. Верувам дека нема да се најде бидејќи самите Скопјани го имаат убедено нивниот народ во еден мит што го изгради Тито и што се врти околу името Македонија. Јас имам јасна позиција, нема никогаш да гласам за име што го содржи терминот Македонија. Независни Грци ова го имаат во основачката прокламација, ние нема шанси да гласаме кое и да е името дали Горна, Долна или Свети Илија – рече Каменос во интервјуто.

Според коалицискиот партнер во грчката влада предуслов за договор е да се направат уставни промени за кои смета дека не би поминале во македонското собрание.

– Грција водеше преговори, ја доби играта на меѓусебни обвинувања, покажа дека не е таа што го турка Скопје, самите си се самоубиваат, самите одлучуваат дека не го менуваат нивниот Устав. Штом не го менуваат нивниот Устав, запира секаков разговор – додаде Каменос во интервјуто.