fbpx

За врховниот судија Наке Георгиев 30 дена притвор, за Иџет Мемети се бараат мерки на претпазливост

Според судот, притворот му се определува оти тој може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело

-

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30 дена притвор на врховниот судија Наке Георгиев, откако тој беше уапсен вчера, поради наводно примање поткуп од 10.000 евра, односно за делото примање награда за противзаконито влијание.

„По произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и ценење на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител донесе решение со кое предлогот се уважува, а на осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“, се вели во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.

Вчера доцна вечерта, по наредба на судија на претходна постапка, претрес бил извршен и во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители. Мемети важи за близок до ДУИ, и два мандати беше народен правобранител. Тој е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.

За Мемети, обвинителството бара судот да му определи мерки на претпазливост, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница.

За овој предлог, се чека решението на судот.

Сомнежите се дека Мемети заедно со Наке Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, познат како „Боро Марлборо“. Тој на функцијата градоначалник на Ново Село беше само една година и два месеци, по што беше разрешен поради поради обид за шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница. Беше осуден на 18 месеци затворска казна која подоцна беше намалена на половина година.

Потоа, Стојчев во март годинава беше уапсен во голема акција „Чибук“ која ја спроведе Министерството за внатрешни работи. Уапсени беа уште девет луѓе за организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана. тој вчера спогодбено беше осуден во случајот за марихуаната. Според информациите од Кривичниот суд, тој вчера признал вина и се спогодил со обвинителството да одлежи 5 години и 3 месеци затвор, а судот ја прифатил спогодбата. На таа пресуда тој нема право на жалба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...