fbpx

Двојно зголемен бројот на претставки до Комисијата за антидискриминација

Сексуалната ориентација, националната или етничка припадност, родовиот идентитет, но и политичкото уверување сѐ уште се најчеста основа за дискриминација

-

Во 2023 година двојно се зголемил обемот на работа на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во споредба со 2022, покажува Годишниот извештај на комисијата. Сексуалната ориентација, националната или етничка припадност, родовиот идентитет, но и политичкото уверување сѐ уште се најчеста основа за дискриминација.

„Во споредба со 2022 година, бележиме тренд на намалување на дискриминација врз национална и етничка припадност. Меѓутоа, пораст на оние случаи на дискриминација врз сексуална ориентација и родов идентитет“, рече Игор Јадровски, претседател на Комисија за заштита и спречување дискриминација.

Комисијата работела на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година.

„Ова веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба“, рече Јадровски.

И покрај зголемениот обем на работа, тој нагласи дека се соочиле со истите предизвици на кои се жалат трета година по ред, односно работат со ограничен буџет и малкумина вработени.

„Апелирам, пред сè, Собранието, кое го гласа буџетот, меѓутоа и другите надлежни институции, да имаат слух за овие предизвици. Комисијата, иако во 2023 година имаше и квантитативно и квалитативно двојно повеќе работа, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сè уште останува со прилично лимитиран буџет. Сè уште континуирано се прекршува онаа финансиска независност на Комисијата, односно располагањето на буџетот на Комисијата, што директно е во колизија со законската поставеност на Комисијата како независно тело“, вели Јадровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.