!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски им го цитираше Ганди на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 16 септември, 2017 - 17:33 (META) 

„Бидете промената која сакате да ја видите“. Со овој цитат на Ганди, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати на кандидатите за градоначалници на опозициската партија на денешната политичка акадамија во хотелот „Мериот“, на тема „Јакнење на демократијата на локално ниво“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од Германија и на Институтот „Павел Шатев“.

Инаку, Мохандас Махатма Ганди, водачот на индиското движење за независнот, го промовираше принципот на ненасилната граѓанска непослушност и стана симбол за ненасилна борба за граѓански права и слободи во светот.

– Најголемите резултати во животот најчесто се постигнуваат со едноставни средства и искажување на вообичаени одлики. Имајте доверба во себе, затоа што ќе ја имате довербата од народот, ветувајте го она што сте сигурни дека ќе го направите, така ќе ја имате самодовербата и довербата од народот подоцна. Како што Ганди велеше „Бидете промента која сакате да ја видите“. Ние, никогаш не ветуваме дека ќе решиме сè, свесни сме дека има уште многу работа и ние знаеме како понатаму, граѓаните со нас се на сигурно – порача Груевски.

Тој истакна дека нивните противници ќе ветуваат чуда и волшебни решенија, бидејќи немаат друг избор и дека во последните три месеци триесет пати го смениле зборот, го погазиле кажаното и се демантирале.

– Народот е мудар и знае да разликува што е реално и остварливо, а што не е, и, уште поважно, народот знае кој држи до зборот, а кој не, кога ќе ветиме остваруваме. Ние оставаме за нас да говорат делата, кои се гледаат, чувствуваат, посетуваат, користат, кои помагаат – изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за секој град и за секоја општина ќе има конкретна програма, а економијата ќе биде приоритет.

– Ќе се инвестира и во градба на водоводи и на канализациони системи. Поудобниот живот на граѓаните и решавањето на проблемите во секојдневието ќе биде задача на секој градоначалник – рече Гуревски.