Филипче: Квалитетот на вакцините е загарантиран, вакцинирајте ги децата


       
Скопје, 9 октомври, 2018 - 12:57 (META) 

Вакцинацијата е тема која секогаш предизвикува дискусија во јавноста. Од една страна, се антиваксерите кои не вакцинираат своите деца главно поради недоверба во здравствениот систем, а од друга страна, се оние родители кои редовно вакцинираат.

Во услови кога има тренд на намалување на бројот на деца кои се вакцинираат, разговаравме со министерот за здравство Венко Филипче, кој во ова интервју за „Мета“ открива дали ќе ја промени политиката околу задолжителноста на имунизацијата, за квалитетот на вакцините, а упатува и препораки за родителите.

Според последните бројки на Институтот за јавно здравје, има намалување на бројот на вакцинирани деца.

Имате ли идеја како да ја промените ваквата слика?

Имунизацијата е значајна здравствена, социјална и економска придобивка. Вакцините нѐ штитат од тешки заразни заболувања, а со тоа се создава колективен имунитет и заштита од епидемии на целата заедница. Токму во насока на потенцирање на важноста на имунизацијата на глобално ниво, на Министерскиот форум на министрите за здравство (во февруари годинава) заедно со министрите од 12 земји на Југоисточна Европа (ЈИЕ) ја потпишавме изјавата за намери за важноста на имунизацијата, која претставува основа врз која се зајакнуваат и зголемуваат заедничките активности, потребата од јакнење на системот за имунизација, партнерството и соработката, како интегрален дел од здравствениот систем на земјите од ЈИЕ. Процесот на имунизација е интегрален дел од добриот и функционален здравствен систем и е во согласност со Акцискиот план за вакцинација во Европа 2015-2020, како и Програмата на СЗО 2020. Согласно Акцискиот план, приоритетни области за дејствување, во кои е вклучена и нашата држава се набавка на квалитетни вакцини, ефикасна контрола врз процесот на имунизација, пристапност до вакцините и континуирана промоција и едукација на бенефитите од вакцинацијата. Сакам да потенцирам дека еден од главните приоритети на Министерството за здравство е комплетно осовременување на Календарот за имунизација, со воведување нови вакцини, кои заштитуваат од стрептокока и од рота вируси, кои се причинители на тешки заболувања проследени со компликации кои најчесто се јавуваат кај малите деца до 5 годишна возраст. Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата. Дополнително, две постари вакцини ги менуваме со нови и современи. За сето ова да го овозможиме го зголемивме буџетот за имунизација за 70%. Факт е дека последните две-три години опфатот постепено опаѓа, како резултат на антивакциналните кампањи, што е глобален проблем, а не само кај нас. Со овој опфат не се обезбедува колективен имунитет и можно е појава на претходно искоренети заболувања. Токму затоа, имунизацијата е еден од приоритетите на Министерството за здравство, имајќи предвид дека инвестицијата во превентивата има докажана клиничка, социјална и фармакоекономска оправданост.

Што сакавте да кажете во политичката кампања од неодамна, кога рековте – Во ЕУ за најквалитетни вакцини за сите деца?

Во врска со креативата која беше објавена на мојот „Фејсбук“ профил, поврзана со поддршка на референдумот, конкретно со мојата желба за влез на Македонија во ЕУ, би сакал да појаснам дека флоскулата „Во ЕУ за најквалитетни вакцини за сите деца“ значи дека со влез во големото семејство здравствениот сектор ќе биде на истиот колосек како и државите од ЕУ. Можеби зборовите не беа најсреќно одбрани и искомбинирани на креативата. Одговорно тврдам дека вакцините во Македонија се со висок квалитет и за тоа не станува збор. Станува збор за следење на напредокот, развојот и квалитетот на живот кој го имаат државите – членки на ЕУ, зад кои ние, во овој момент, каскаме.

Дали Министерството за здравство ќе ја менува политиката околу задолжителноста на вакцинацијата?

Согласно законската регулатива континуираната вакцинација кај децата од 0-18 години е задолжителна. Опфат над 95 отсто може да создаде колективен имунитет и заштита на населението од појава на заразна болест во епидемиска форма. Право на секое дете е да биде заштитено и вакцинирано против тешки заразни заболувања, обврска на родителот е да му го овозможи тоа право, а грижа на заедницата е навремено обезбедување квалитетни и безбедни вакцини.

Што им порачувате на родителите, дали вакцините во Македонија се безбедни?

Во целост се гарантира за квалитетот на вакцините, затоа што истите се од реномирани производители од земји на Европска Унија (Франција, Белгија, Бугарија) одобрени производители од страна на СЗО кои ги исполнуваат сите потребни стандарди. Вакцините од производител до краен корисник – децата, се транспортираат, складираат и чуваат на соодветна температура од 2-8 Целзиусови степени. Секоја пратка се прима и проверува од страна на претставници од Министерство за здравство и Агенција за лекови, а Агенцијата за лекови по опсежните анализи издава одобрение за пуштање во промет. Да напоменам дека овие вакцини се употребуваат и во земјите каде се произведуваат.