fbpx

ФАЦ: Можно е Владата по изборите да го смени името на скопскиот аеродром во „Мајка Тереза“

-

Македонската влада по локалните избори е можно да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во „Мајка Тереза“, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во опширната анализа за Македонија под наслов „Не под ова име“, пренесува „Дојче веле“.

Во анализата, весникот во добар дел посветува внимание на спорот за името меѓу Македонија и Грција. ФАЦ ја цитира изјавата на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, дека „не ни требаат стотици споменици за да се чувствуваме како горди Македонци“, но, пишува понатаму весникот, министерот одбива да каже дали новата влада е подготвена да ги преименува објектите, како автопатот или аеродромот во Скопје, кои Атина ги смета за провокативни.

Сепак, такво нешто е можно по локалните избори во октомври, пишува ФАЦ, повикувајќи се на „добро информирани извори во Скопје“.

„Можно е македонската влада по локалните избори да се одлучи на таков чекор и да го преименува аеродромот со некоја географска одредница или, на пример, во ’Мајка Тереза’“, пишува ФАЦ.

Лицитирајќи со можните имиња кои државата би можела да ги добие при евентуален договор со Грција, весникот како примери ги наведува „Нова Македонија“ и „Горна Македонија“, но притоа дополнува дека името на државата и не е најголемиот проблем, туку барањето на Атина да се сменат и името на народот и на јазикот.

Според ФАЦ, „тоа не беше прифатлива тема за преговори за Груевски, исто како што не е и за Димитров“.

„Ние, Македонците, не сме се разбудиле едно утро и сме одлучиле да бидеме тоа што сме. Ние сме Македонци како резултат на еден историски процес, околу кој не може да се преговара. Патем, ние не бараме ексклузивитет за нас, да бидеме Македонци. Јас се чувствувам како Македонец, но немам ништо против, кога и некој Грк во Солун се чувствува како Македонец, без разлика дали во регионална или културна смисла“, го цитира германскиот весник македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...