!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ДЗС: Излеаната вода од реките се повлекува, водостојот се нормализира


       
Скопје, 3 декември, 2017 - 14:57 (META) 

Водостојот на реките е во опаѓање, а водата на излеаните места веќе почнува да се повлекува, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата додаваат дека од страна на единиците на локална самоуправа и на јавните комунални претпријатија, преземени се сите активности за нормализација на состојбата со излевањето на водотеците. Според ДЗС, во моментот нема потреба од ангажирање на силите и на средствата на Дирекцијата за заштита и спасување доколку не дојде до влошување на состојбата и на хидрометеоролошките услови.

Управата за хидрометеоролошки работи, исто така, информира дека според податоците од хидролошките станици низ земјата, се забележува намалување на водостојот на реките. Исклучок се поединечни хидролошки станици кои се лоцирани во долните теченија на реките и кај кои е регистрирано извесно зголемување, што е очекувано.

„И овие зголемувања се незначителни, така што се очекува нивно постепено стабилизирање. Во текот на денешниот ден се очекува врнежите да престанат и водостојот на реките низ земјава постепено да почне да се намалува“, велат од УХМР.