Давидовиќ: Повторното апсење на обвинетите од 27 април е непочитување на Врховниот суд


       
Скопје, 28 март, 2018 - 11:05 (META) 

Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието, смета адвокатот на еден од обвинетите Ѕвонко Давидовиќ. Според него, Обвинителството е привилегирано во постапката, бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите.

-Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР. Ние правниците учиме дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор. Трипати понизок суд вели Врховниот суд нема поим, ние знаеме повеќе- рече адвокатот Давидовиќ.

Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапувајќи со двојни аршини.

-Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права. ОЈО e привилегирано во конкретниот случај, но и во сите постапки – додава Давидовиќ.