!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Богдановиќ: Трајановски да ја повлече одлуката за изградба на улица на Кеј 13 Ноември


       
Скопје, 18 март, 2017 - 17:07 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска го повика градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката и одобрението за изградба на сообраќајница на Кејот 13 Ноември.

– Изминатиот период донесовме една одлука како Општина Центар, каде што законски успеавме да ја спречиме изградбата на оваа улица, но сепак со измени на законот, Градот ни ги одзеде ингеренциите во тој дел – изјави денеска претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Тој рече дека за понеделник е договорена вонредна седница на Советот на Општина Центар, на која, како што рече, ќе бидат преземени сите законски мерки за да се спречи да продолжи изградбата на спорната улица.

– Сакаме да апелираме и до инвеститорот, односно изведувачот на улицата, веднаш да престане бидејќи ќе се соочи со санкции. Го повикуваме и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката за изградба на оваа улица, односно одобрението за градба. Ако тоа не се случи, како Општина Центар ќе преземеме соодветни мерки – рече Богдановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, какви мерки планира да преземе Општина Центар, Богдановиќ рече дека „најрадикалното“ нешто што ќе го преземат, а го најавиле  и претходно, е тоа што ќе бараат отфрлање на актуелниот детален урбанистички план (ДУП) и враќање на претходниот.

– Ќе го вратиме ДУП во првобитна состојба, каде што беше предвидена изградба на подземна сообраќајница и со тоа ќе ја спречиме изградбата на оваа улица – изјави Богдановиќ.