!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ за 0,8 отсто, а Груевски пред Заев за 1 процент


       
Скопје, 19 мај, 2017 - 21:23 (META) 

Доколку утре би се одржале избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 24,5 отсто од граѓаните, а за СДСМ 23,7 отсто, покажуваат резултатите од последната анкета на телевизија „Телма“ и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Според резултатите од анкетата, за ДУИ би гласале 8,5 отсто, за Беса – 3,7 отсто, за Алијансата за Албанците – 1,8 отсто, а за ДПА – 0,9 отсто од граѓаните.

Вкупно 35 отсто од анкетираните граѓани не дале одговор, односно 13,1 отсто не сакале да кажат за кого би гласале, 10,8 рекле дека не знаат, а 10,3 отсто рекле дека нема да гласаат за ниту една партија.

Што се однесува до рејтингот на партиските лидери, на прашањето кој политичар заслужува најголема доверба, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се определиле 25,8 отсто од анкетираните, а за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 24,8 отсто.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, според анкетата има поддршка од 9 отсто од граѓаните, а по него е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со 6,1 отсто. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ја има поддршката на 3,6 отсто од граѓаните, Билал Касами од Беса има поддршка од 3 отсто, додека 14,8 отсто рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

Анкетата е спроведена телефонски, по насилствата во Собранието на Република Македонија, во периодот од 10 до 15 мај, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. Анкетата ја спровела агенцијата „М-Проспект“ на барање на „Телма“ и на МЦМС.