Фото: Арбнора Мемети

Земјите од Западен Балкан, покрај пандемијата со ковид-19, се соочија и со зголемени миграциски текови, главно на бегалци од Блискиот исток или Северна Африка. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Албанија за 8 месеци од 2020 година биле евидентирани 8.343 странски мигранти со нерегулиран престој во земјата, додека до јуни во Северна Македонија биле евидентирани околу 4.100 мигранти. Грција, Косово и Црна Гора исто така се користеа како транзитен коридор за илегално минување на мигранти насочени кон Западна Европа, пишува Фактоје.ал, а пренесува Порталб.мк.

Ајуб Карат (24) од Алжир, дојде во албанската престолнина во јуни. Ајуб беше придружуван од неговиот осумнаесет годишен брат Џамал. Ајуб и Џамал, откако престојуваа извесно време во Турција, а потоа околу два месеци во Грција, дојдоа во Албанија преку граничниот премин Какавија, со цел да преминат во Црна Гора, а потоа и во земјите од Западен Балкан. Дваесет и четиригодишниот Ајуб и осумнаесет годишниот Џамал веќе некое време се во Германија.

„Можев да одам во Германија. Сега сум во Минхен. Донекаде сме стабилни и фала му на Бога сме добро. Надежта и вербата во Господ го направија нашето патување успешно“, изјави 24-годишниот Ајуб за „Фактоје“ во разговор на социјалните мрежи.

Ајуб и Џамал не беа единствените кои „заглавија“ во Албанија откако дојдоа од Грција. Според податоците од Министерството за внатрешни работи на Албанија, во текот на 8 месеци од 2020 година, во земјата се регистрирани 8.343 странски мигранти со нерегулиран престој. Бројката за првите 8 месеци од 2020 година е за 47,8 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Вкупниот број на илегални мигранти, кои постојано ги ажурира албанската полиција, до сега е околу 10 илјади.

Грција, Косово, Северна Македонија и Црна Гора, исто така, се соочија со наплив на мигранти со нерегулиран престој за време на пандемијата. По олеснувањето на мерките на пандемијата со ковид-19 и повторното отворање на границите, полицијата во Северна Македонија во јуни приведе повеќе од 1.000 мигранти кои се обидоа илегално да влезат во земјата. Во текот на август, поради страв од илегални преминувања од бегалци, Србија започна да гради бодликава ограда на границата со Северна Македонија, во близина на Прешево.

Бодликава жица на границите на Балканот

Бодликава ограда, поради бегалците, во 2017 година постави Унгарија, и тоа по целата граница со Србија. Бодликавата жица е долга околу 150 километри и е опремена со термички видео камери.

Северна Македонија, во 2016 година, со двојна бодликава жица, обезбеди дел од својата јужна граница со Грција. Според официјалните податоци, подигнати се ограда од бодликава жица од 37 километри, висока 2,5 метри со остри жици на врвот.

Словенија започна да ја поставува оградата со бодликава жица на дел од границата со Хрватска во 2015 година, додека минатата година започна да поставува дополнителна ограда од 40 километри со цел да обезбеди опасни делови долж границата.

Пред две години, Полицискиот директорат на Црна Гора, истакна дека државата идентификува зголемен проток на мигранти кои доаѓаат од Албанија и дека не ја исклучува можноста за поставување на бодликава жица во загрозените делови на границата.

Илегалните мигранти и „бизнисот“ со трговија со луѓе

Албанскиот Хелсиншки комитет во соработка со партнерски организации од Западен Балкан, го објави извештајот во рамките на иницијативата „Безбедност за луѓето и границите – борба против трговијата со мигранти на Западен Балкан“.

„Особено, последиците од глобалната пандемија со ковид-19 силно влијаеја на неправилните движења на мигрантите како резултат на строгите ограничувачки мерки против слободата на движење. Ова доведе до зголемување на различните форми на трговија со луѓе под организација на криминални групи. Постојат неколку патишта за трговија со мигранти во регионот на Балканот, но една од главните рути започнува во Албанија и главно го следи Јадранскиот брег, продолжувајќи кон Црна Гора. Постојаниот притисок на миграцијата се чувствува особено на албанско-црногорската граница и многу трговци со мигранти се активни во северниот дел на Албанија. Се чини дека оваа рута ја користат претежно Ирачаните и Сиријците кои во некои случаи се поддржани од активни регионални групи на организиран криминал од балканските земји“, се вели во извештајот.

Извештајот посочува дека во Албанија ситуацијата со илегалните мигранти често станува хаотична.

„Во Албанија, состојбата на границите стана уште потешка во првите месеци од 2020 година поради избувнувањето на пандемијата со ковид-19. Со цел да се заштити од инфекција, Националниот центар за прием на баратели на азил во Бабру одби да прифати понатамошни посети. Строгите владини мерки ги оневозможуваат невладините организации да ги следат условите за сместување на мигрантите. Ги повикавме властите да ги гарантираат условите и правата на оваа категорија“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се забележува и дека мигрантите ја користат и границата меѓу Грција и Северна Македонија за да избегаат на Западен Балкан.

„Друга рута е границата од Грција до Северна Македонија, каде се зголемува бројот на илегални мигранти кои се тргуваат. Многу од уапсените беа регистрирани и веднаш вратени во Грција, а само на неколкумина од нив им е дозволено да останат во земјата и да бидат сместени“, се вели во извештајот.

Голем број национални и меѓународни организации ги повикаа владите на Балканот да го зголемат капацитетот за прием со цел да управуваат со потенцијалните миграциски текови.