Започнува пријавувањето за Виз Ер Скопски Маратон 2021

Фото: skopskimaraton.com.mk

Организаторите на Виз Ер Скопски Маратон 2021, најавуваат дека овој маратон, кој ќе се одржи по 17-ти пат, за разлика од претходните изданија, ќе биде дводневен настан.

Маратонот ќе се одржи на 2 и 3 октомври, а денеска во 10 часот започнува пријавувањето на учесниците, кое ќе се одвива до 15 септември, односно до пополнување на предвидениот број на учесници.

Првиот ден од годинашниот маратон, 2 октомври, ќе биде резервиран за трката на 5 километри, со старт во 17 часот, а утредента, 3 октомври – недела, во 8 часот ќе почна маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт.

Од организацијата информираат дека сите тркачи кои поради пандемијата, своите пријави за маратон и полумаратон од 2020 година ги префрлиле за 2021 година, преку електронска пошта ќе добијат код за регистрација, за да може да ја искористат бесплатната котизација за настанот оваа година.

Доколку некој повторно биде спречен да учествува и оваа година, правото ќе може да го искористи за маратонот во 2022 година. Оние учесници кои биле пријавени за минатогодишната трка на 5 километри, која беше одложена, автоматски ќе се префрлат за оваа година со истиот стартен број кој го добиле.

Пријавувањето може да се направи на официјалната веб страна www.skopskimaraton.com.mk, каде може да се најдат и сите други информации за настанот.