Во тензична атмосфера со постојани реплики меѓу пратеници на ДУИ и албанската опозиција од Алијанса на Албанците и Алтернатива, Собранието на РСМ го утврди дневниот ред на 38. собраниска седница и одлучи по скратена постапка да се донесат измените и дополнувањата на Законот за попис и на Изборниот законик. Со 95 гласа „за“ и 7 гласа „против“, пратениците одлучија законските измени за одложување на пописот да се донесат по скратена постапка.

Исто така, со 102 гласа „за“ претставниците во законодавниот дом одлучија по скратена постапка да се донесат и законските измени на Изборниот законик. По ваквата одлука, овие законски измени одат на комисиска расправа. Веќе се закажани за попладнево седниците на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците за Изборниот законик, како и на Комисијата за европски прашања во однос на законските измени за одложување на пописот во септември.

Како што и претходно најавија, од пратениците од албанската опозиција беа најгласни против одложувањето на пописот. Координаторот на пратеничката група на Алијанса/Алтернатива Скендер Реџепи побара предлог-измените на Законот за попис да се тргнат од дневен ред, затоа што, како што рече, не е консултирана ниту Комисијата за заразни болести, иако образложението е дека пописот се одложува поради ситуациајта со ковид-19. Тој апелираше до владејачката ДУИ да се спротистави на одложување на пописот, за, како што рече, да не се дозволи ситуација како во 2011 година.