Законите за животна средина ни се европски, но имплементацијата е македонска

Фото: Мета.мк

Македонското законодавство за животна средина и климатски промени напредувало во усогласувањето со европското во однос на минатата година, но спроведувањето и понатаму останува недоволно. Државните и локалните институции и понатаму имаат слаби и недоволни капацитети и човечки ресурси. Администрацијата е бројна, но неефикасна, нема координација, стручни и квалификувани кадри, ниту пак интерсекторска соработка.

Ова се генералните заклучоци кои ги нотира Извештајот во сенка за Поглавјето 27, животна средина и климатски промени, што го изготви Центарот за климатски промени, во рамки на неформалната мрежа „Платформа 27“, заедно со Милиеуконтакт Македонија, Еко-свест и Македонско еколошко друштво (МЕД) и со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија. Со анализата се опфатени седум поглавја, а за првпат годинава се анализираат и хемикалии, бучава и цивилна заштита.

„Поглавјето 27 е најобемното и најскапото поглавје кое бара сериозни инвестиции што се проценуваат на четири милијарди евра“, вели Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Во поглед на разликите од минатата година па досега, таа посочува дека има напредок во законодавството со донесувањето на Законот за инспекциски надзор, измените на Законот за животна средина кој ги дефинира контаминираните подрачја, новиот Кривичен законик во кој одредени дела во животна средина се најдоа на листата на казнени активности и беше воведена нова категорија екоцид, како и последниот закон за заем од ЕБОР со кој ќе треба да започне изградбата на три регионални депонии. Сепак, за македонската администрација и понатаму е предизвик да ги спроведе сите овие закони.

„Немаме ниту доволно, ниту пак квалификувани кадри, а и финансиите кои се одвојуваат за еколошките проблеми се недоволни, особено во процесите за праведна транзиција, трансформација на технолошките процеси, заштита на природата, управувањето со отпад и отпадни води, снабдување со вода за пиење, реновирање на старите и дотраени објекти вклучително и промена на начинот на греење“, смета Станојевска-Пецуровска.

Во поглед на прилагодувањето на домашното со европското законодавство, сѐ уште недостасуваат Законот за контрола на индустриски емисии, кој се очекува да биде усвоен набрзо, како и долгонајавуваниот Закон за климатска акција, што треба да биде поставен на ЕНЕР идната недела. Се чека и на Законот за природа, за кој граѓанските организации велат дека не го виделе и не можат да го коментираат, а започнат е и процесот на изработка на Законот за меѓународна трговија со загрозени животни.

Според Христина Оџаклиеска, заменик министер за животна средина и просторно планирање, Поглавјето 27 е едно од најобемните и најкомплексни поглавја кое бара многу вложувања, а спроведувањето бара сериозни промени и во останатите сектори, институции и поглавја.

„Дадените препораки и заклучоци во извештајот се поттик за понатамошно подобрување на спроведувањето на законодавството како и зголемување на соработката со невладиониот сектор, кое нѐ води кон една заедничка цел, а тоа е подобро и поздраво општество за сите. Пред Република Северна Македонија претстои многу обемна и комплексна работа која бара сериозни промени и носење сериозни одлуки на патот кон ЕУ, кои не секогаш ќе бидат посакувани и лесно прифатливи“, рече Оџаклиеска.

Извештајот во сенка како напредок во изминатава година во земјава ги посочува зголемувањето на бројот на заштитени подрачја и раскинувањата на договорите за малите хидроцентрали во новиот Национален парк Шар Планина, што дава надеж дека бизнис интересот не е секогаш приоритет. Сепак, заштитата на водите мора да се крене на повисоко ниво, пред сѐ со изработка на нова Стратегија за води и водостопанска основа.

Една од новините кои ги посочува годинешниот Извештај во сенка се и Плановите за квалитет на воздухот, што се нова законска обврска на општините каде има повисоко загадување и кои имаат над 35.000 жители. Досега се направени пет, а во процедура се уште шест. Направени се и две анализи на изворите на загадувањето на воздухот во Скопје и во Битола, кои покажале дека најголемите загадувачи со ПМ честички се домаќинствата кои се греат на дрва. Но, решението со неквалитетниот воздух во многу градови низа земјава сѐ уште не се наоѓа, а во Извештајот се бара поголема политичка волја и финансии за надминување на состојбите.

Отпадот е еден од секторите каде работите најбавно се движат. И покрај донесувањето на клучни шест закони минатата година и разработката на дваесетина подзаконски акти, во земјава сѐ уште не се знае колку точно отпад се создава, ниту пак каков е неговиот состав. Регионалните депонии допрва ќе се градат, а локалното население секогаш дава отпор.

Доцни и транспонирањето на европската регулатива за клима, а Законот за климатска акција, иако беше најавен дека ќе биде усвоен до крајот на годинава, сѐ уште го нема. Земјава има Стратегија за климатска акција и Национален план за енергија и клима, а граѓанскиот сектор апелира климатските прашања да бидат приоритет на властите, бидејќи инвестициите во климатска акција ќе допринесат за подобрување на состојбите во сите сектори.