Премиерот Зоран Заев денеска со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние разговарал за приоритетите на новата Влада, како и за отворањето на перспективите на Република Македонија кон Европската Унија и кон НАТО.

– Подготвени сме за брзо, квалитетно и ефикасно спроведување на клучните реформи што ќе обезбедат квалитетен живот за сите граѓани, а ќе ги осигураат и евроатлантските интеграции на Македонија – рече Заев.

Заев изразил очекување дека посветеноста на Владата кон реформите ќе биде охрабрување за сите граѓани, за бизнис-секторот во Македонија, за странските инвеститори да вложуваат во Македонија со своите капацитети и со своето знаење, со што ќе придонесат за развојот на економијата во Македонија.

– Стратешки определби на Република Македонија се Европската Унија и НАТО и јас, како премиер, и новата Влада сме подготвени да работиме посветено и темелно на европската агенда која ќе го отвори патот за развој Република Македонија – рече Заев.