Денес во Бистро Комедија се одржа првиот базар на мали еколошки бизниси во Македонија. Целта на овој настан е запознавање со бизнисите кои придонесуваат кон одржлив развој и промоција на македонската еко заедница и еколошките алтернативи кои нудат замена на стандардните производи.
На базарот на купувачите им беа претставени бизниси за рачни везови, облека од втора рака, еко восочни обвивки, хербална куќа, органска козметика, биоразградливи хулахопки и слично.
Мета.мк, го посети базарот и разговараше со дел од сопствениците. „Пура Перла“ е компанија која произведува органска козметика со чисти формули. Тие велат дека идејата за овој одржлив бизнис ја добиле кога сакале да направат животна промена во своето секојдневие и се посветиле на производството на козметика, која не е тестирана на животни. Додаваат дека се пријатно изненадени од интересот за нивниот бизнис.
Со брзото менување на трендови во модниот свет, брзата мода прави огромна штета со прекумерено производство на облека. За да се однесуваме поеколошки и да постапуваме одржливо, се препорачува купување на парчиња облека од втора рака.
Токму тоа го прави бизнисот „Орманче“, онлајн продавница достапна на социјалните мрежи која продава облека од втора рака. На овој начин се продаваат модерни парчиња облека, а воедно не се стимулира продавачката на брзата мода.
„Во просек луѓето на годишно ниво фрлаат 40 килограми облека и создаваат огромни количини отпад. Кога купуваме облека што е веќе користена можеме да најдеме парчиња што се многу уникатни и не може веќе да се најдат низ продавниците, а се грижиме и за околината,” вели сопственичката, која идејата ја добила од поминување време на социјални мрежи, огромниот број облека што го поседува и желбата за создавање на нешто корисно.
За здрав живот се залага хербалната куќа „Билкилајф“, чија цел е дарот од природата да го доближат до луѓето. Палетата на нивните производи е разновидна и се состои чаеви, лековити билки, колачиња, зачини, морска сол за капење со мајчина душица и слично.
„Сите билки понудени на нашиот пазар, дали од планина или одгледани на некои земјоделски површини, се многу култивирани и комерцијално испакувани, а честопати и не толку чисти. Оттука сметавме дека здравјето е најдобриот подарок што можеме да го дадеме на граѓаните и затоа сме претставени на иновативен начин со широка палета на производи,” велат од „Билкилајф“ и додаваат дека меѓу најпродаваните производи им се цветните колачиња, како и цветната сол која и дава боја на храната.
Соња Димитровска произведува еко восочни обвивки направени од памук и природен пчелин восок, за кои ни кажува дека се замена за пластична и алуминиумска фолија.
„Спакувана во овие обвивки храната ја задржува влажноста, бидејќи обвивката е направена од природен материјал” вели таа. Соња веќе четири години се занимава со вакво произвоство и вели дека особено голем интерес за производот има кај младите кои сакаат да направат промена во навиките.
Разговаравме и со KVembroidery, бизнис со веќе шестгодишно искуство за изработување рачни везови и модни додатоци. Од таму велат дека љубовта кон креативните плетени или шиени изработки биле поттик да се занимаваат со овој бизнис. На тој начин, старите парчиња облека стануваат нови, а истовремено сме и еколошки настроени.
Сите бизниси присутни на денешниот базар придонесуваат во кревањето свест за еколошки алтернативи кои може да се користат во секојдневието, како и подигнување на еколошка свест.
Настанот е во организација на Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Yes for Less“ и Јуроп хаус Скопје. Освен базарот, за сопстениците на ваквите бизниси, треба да биде одржана и работилница на тема „Еколошки бизниси: комуникација и пристап до потрошувачите“.