За да добијат бесплатни документи, новинарите треба да објаснат зошто ги бараат

Централниот регистар денеска информираше на кој начин новинарите може да го остварат своето право на бесплатен пристап до информации откако Владата на 26. седница донесе ваква одлука.

Во одлуката на Владата стои дека Централниот регистар и Агенцијата за катастар за недвижности треба во рок од 30 дена да им овозможат на новинарите бесплатен пристап до јавните исправи кои ги издаваат овие институции.

За новинарите е спорно тоа што во барањата треба да се наведе за какви истражувачки теми ќе се бараат документите.

„Пристапот ќе се овозможи на секој новинар кој ќе достави писмено барање со потпис и со печат од главниот уредник на медиумот во кој е вработен, со објаснување за какви истражувачи цели се бара јавната исправа“, стои во одлуката на Владата.

Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, рече дека не знае зошто е потребно да се наведе ова објаснување од страна на новинарите и дека тоа било одлука на Владата.

– Ние, како институција, треба да се заштитиме и треба да знаеме за што се потребни тие информации – рече Бошковска-Јанковски.

Во одлуката на Владата се вели и дека Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности прецизно мора да назначат на видно и јавно место дека бараниот документ е во функција на истражувачка дејност и дека не треба да се злоупотребува за други цели.

Бошковска-Јанковски информираше дека новинарите имаат можност да добијат 2.000 информации по 80 проценти пониска цена од тарифникот на Централниот регистар.

Портпаролот на владата, Миле Бошњаковски во изјава за НОВА ТВ појасни дека новинарите нема да треба да ја кажат темата на која ќе работат, туку да дадат генерална насока за какво истражување се работи.

– Нема да ги следиме истражувањата на новинарите, ќе треба да дадете само генерална насока за документите кои ги барате – рече Бошњаковски.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.