Возењето без пари по автобуси и возови звучи идеално, но може да направи и проблеми

Фото: Архива на Мета.мк

Во услови на ценовни поскапувања под притисокот на енергетската криза, ветувањето за бесплатен јавен превоз во Скопје никако да се истисне од дневниот интерес на граѓаните. Идејата за олеснување на патувањата на граѓаните во услови на намалување на животниот стандард е тема која што е актуелна и во европските земји, откако летово Германија воведе месечен билет за 9 евра по патник, додека Шпанија воведе бесплатен железнички превоз на кратки и средни релации до крајот на годинава.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во изборната програма „За модерно Скопје“ и во изјавите дадени пред една година, вети бесплатен јавен превоз како еден од приоритетните проекти за решавање на сообраќајниот хаос во Скопје. Сепак, речиси една година подоцна, на крајот на септември таа за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека бесплатен јавен превоз во Скопје нема да има додека трае економската и енергетската криза.

Нема бесплатен јавен превоз за сите граѓани

Мета.мк стапи во контакт со Градот Скопје, од каде појаснуваат дека целиот процес за воведување на бесплатен јавен превоз неминовно ќе биде успорен поради глобалната енергетска и економска криза. Градските власти велат дека се работи на финансиска стабилизација на ЈСП и се делува кон реформа за воведување на самоодржлив модел на функционирање на претпријатието.

„Град Скопје изминатите месеци воведе бесплатен превоз за повеќе категории, односно, право на бесплатен превоз во јавниот превоз во Скопје имаат лица – жени над 62 години и мажи над 64 години, средношколци од средните училиште на Град Скопје и редовните студенти на додипломски студии на универзитетите во Скопје. Во насока на обезбедување пристап и зголемена мобилност, Градот Скопје преку јавното сообраќајно претпријатие врши и бесплатен превоз за лицата со потешка телесна инвалидност, како и за учениците и студентите со потешка телесна инвалидност“, велат градските власти.

Сепак, скопските градски власти сметаат дека не може да се прави споредба меѓу јавниот превоз во Скопје и практиките од европските земји, поради повеќе фактори, меѓу кои е и ниското ниво на децентрализација и фактот што Град Скопје има најмал буџет споредено со земјите од регионот и пошироко во Европа.

„Владите низ Европа со месеци наназад спроведуваат активности базирани на конкретни планови за справување со економската и енергетската криза, нешто што кај нас недостига. Сериозна поддршка би било доколку Владата понуди економско олеснување за граѓаните кои би пристигнале преку локалната самоуправа, со конкретни мерки за поддршка на локално ниво, како и за јавните претпријатија кои услугите ги вршат во интерес на граѓаните, но досега не добивме најава за конкретна поддршка“, велат од Град Скопје.

Од Владата на РСМ изминатава недела во два наврата побаравме одговори на прашањата дали планираат да разговараат со Град Скопје, Железници на РСМ-Транспорт и општините каде постои организиран јавен превоз за да се издвојат државни субвенции за воведување на бесплатен јавен превоз во земјава, но не добивме одговори на поставените прашања.

Инаку, македонската влада од 1 мај годинава го врати во функција бесплатниот железнички превоз за средношколци, студенти, млади до 27 години и пензионери во определени денови од неделата, на барање на средношколските и студентските здруженија.

Од 1 мај се воведува бесплатен железнички превоз

Бесплатниот јавен превоз звучи популистички, но има и негативни страни

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет-Битола, во објавениот текст за списанието „Пресинг“ во мај годинава посочува на истражувања кои укажуваат на негативни страни од бесплатниот јавен превоз. Тој го наведува примерот од естонскиот главен град Талин, каде функционира бесплатен јавен превоз.

„Заради бесплатниот превоз само за околу 10 % се зголемил бројот на патници во јавниот градски превоз, а употребата на автомобили се намалила само за 2 до 3 %. Интересно, зголемувањето на бројот на патници произлегол од претходни корисници на велосипеди и од пешаци, како и од зголемен број патувања од постојни патници на јавен градски превоз, а многу малку од претходни возачи на автомобили“, пишува професорот Крстаноски.

Тој додава и дека во стручната литература се наведува оти најголем резултат на бесплатниот јавен градски превоз е повеќе патувања на веќе постојни патници со јавен градски превоз што, пак, доведува до оптоварување на капацитетите и поголеми трошоци.

Универзитетскиот професор заклучува дека целосно бесплатниот јавен градски превоз има повеќе штетни од корисни резултати. Ефектите врз намалувањето на употребата на автомобилот се мали, се одземаат претходни корисници на велосипед и пешаци (што е дополнитена штетна последица), а се зголемува оптовареноста на буџетот на градот за покривање на трошоците на јавниот градски превоз.

Во случајот со Скопје, само автобусите на ЈСП дневно прават повеќе од 50.000 километри и трошат 22 тони нафта и ова се само дел од трошоците за експлоатација кои мора да се платат, појаснува Крстаноски. Од денешна перспектива, вели професорот, заклучоците ако се земат предвид трошоците за работа на ЈСП и степенот на покривање на трошоците со приходи од билети се уште посилни со енормното зголемување на цените на горивото, мазивото, гумите, резервните делови итн.

Сепак, професорот од битолскиот универзитет предупредува треба да се биде многу внимателен со определувањето на цената на билетите за јавен превоз. Зголемувањето на цените за да се покријат целосно трошоците за јавниот превоз не е добро решение. Па така, ако се зголеми цената на билетот во Скопје на 60 денари за да се покријат трошоците, тогаш бројот на превезени патници ќе се намали, па реалната цена би била не 60 денари, туку на пример 80 денари, бидејќи експлоатационите трошоци во јавниот превоз се исти, а бројот на патници се намалил.

Успешните примери од Германија и Шпанија

Германија од јуни до август годинава воведе месечни билети за јавен превоз во износ од 9 евра. За само три месеци, беа продадени 52 милиони билети, кои овозможуваат користење на јавниот превоз во градовите, заедно со регионалните возови на Германската државна железница, пишува Јуроњуз. Интересот на граѓаните за овие билети беше огромен, а како резултат на нивното воведување се намалиле емисиите на јаглерод диоксид од транспортот за 1,8 милиони тони. Сепак, германската левичарска влада мораше да издвои 2,5 милијарди евра федерални субвенции за да се воведе популарниот билет.

Во Германија во моментов се води широка дебата за тоа кој треба да биде следниот чекор што ќе го преземат властите. Медиумските извештаи се преполни со барања на граѓаните за продолжување на ваквите билети и во наредниот период, но и со реакции дека руралните средини немаат бенефит од ваквата мерка бидејќи се слабо поврзани со јавен превоз. Негативни реакции има и за преполните возови и уназадување на чистотијата во нив како последица на драстично зголемениот број на патници регистриран летово.

Шпанија воведе бесплатен железнички превоз на кратки и средни релации низ целата земја од 1 септември до 31 декември годинава. Во меѓувреме, шпанската влада побара дополнителни 700 милиони евра за да се продолжи со имплементација на ваквата мерка до 31 декември 2023 година, пренесува Јуроњуз. Бесплатни се единствено билетите за повеќе возења на релации до 300 километри, а кои се вршат со возови на државната железничка компанија.