Синдикалците на ЈСП Скопје, одлучија да му дадат нов рок на Јавното сообраќајно претпријатие, до утре (19.10.2022 г.) да им ја исплати заостанатата септемвриска плата. Во спротивно, како што велат, автобускиот превоз во Скопје ќе биде прекинат.
Ветување дека до утре ќе биде исплатена платата, наводно, дало раководството на ЈСП Скопје, но под услов парите да ги обезбеди владата.
Тие соопштија дека веруваат оти централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници. Оттаму не кажуваат конкретно за кои општини и за кои категории патници станува збор. Според раководството на ЈСП, од овие пари се исплаќале платите на вработените.
„Тоа се средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. Очекуваме дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието“, соопштија од раководството на ЈСП.
Со години наназад Владата го субвенционира работењето на ЈСП Скопје. Едно од главните ветувања на актуелната градоначалничка Данела Арсовска беше воведување на бесплатен јавен превоз за сите, што досега не е исполнето.
Во август годинава, Градот Скопје под раководство на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, со ребалансот на буџетот, одби заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за иградба на системот на брз автобуски транспорт (БРТ).
Јавниот автобуски превоз во Скопје пред колапс, претпријатието бара пари од Владата