Уметниците реагираат што илјадници слики генерирани со вештачка интелигенција го копираат нивниот стил

фото: British Library на Unsplash

Грег Рутковски е уметник со специфичен стил и вели дека порано било навистина ретко да се видат слични дела на Интернет. Сепак, ако го пребарате неговото име на Твитер ќе видите многу слики во негов стил што тој не ги создал. Рутковски стана едно од најпопуларните имиња во уметноста со вештачка интелигенција (ВИ) и покрај тоа што тој никогаш самиот не ја користел оваа технологија, пишува „Бизнис Инсајдер“.

Луѓето низ светот создаваат илјадници уметнички дела кои изгледаат како оние на Рутковски преку програми наречени „генератори на слики со вештачка интелигенција“, кои користат ВИ за да создадат оригинални уметнички дела за неколку минути или дури и секунди, откако корисникот ќе напише неколку клучни зборови како насока.

Името на Рутковски се користело за генерирање на околу 93.000 слики со ВИ на само еден таков генератор, што го направил многу попопуларен термин за пребарување таму отколку Пабло Пикасо, Леонардо Да Винчи или Винсент ван Гог.

Генераторите на слики со вештачка интелигенција создаваат дела кои се уникатни, наместо да произведуваат колажи од исечоци од сликите што постојат во архивата. Корисникот едноставно впишува зборови што го опишуваат она што би сакал да го види и за кратко време добива уникатна слика.

„Чувствувам дека се случува нешто што не можам да го контролирам. Моето име многу се користи за генерирање на слики со вештачка интелигенција, заедно со имињата на други уметници. Луѓето се преправаат дека се како мене. Многу сум загрижен за тоа, изгледа неетички“, вели Рутковски на „Бизнис Инсајдер“.

Шведскиот уметник и дизајнер Симон Сталенхаг, пак, вели дека не е против ваквата уметност, но е загрижен за тоа како луѓето ја користат оваа технологија.

„Луѓето продаваат дела направени од вештачка интелигенција на кои во насловот стои моето име. Тие ме спомнуваат и велат дека ќе направат да ја загубам работата или нешто слично. Тие се навистина груби и агресивни“, вели Сталенхаг и додава оти смета дека ваквите генератори на уметнички дела во моментов не се во рацете на уметниците и тие немаат контрола врз тоа што се случува.

Рутковски, кој користи и класично масло на платно, но и дигитални алатки за својата работа, е загрижен дека оваа експанзија на имитациската уметност значи дека неговиот стил, поради кој склучува договори со компании како „Сони“ и „Јубисофт“, може да ја загуби својата вредност.

„Ние работиме со години на нашето портфолио. Сега одеднаш некој може да произведе тони слики со овие генератори и да ги потпише со нашето име“, вели тој.

Рутковски вели дека генераторите со ВИ се комерцијализираат во моментов и не се знае каков ќе биде конечниот исход за уметниците чии стилови ќе се користат со години.

„Можеби вие и вашиот стил ќе бидете исклучени од индустријата бидејќи ќе има толку многу уметнички дела во тој стил што вашиот повеќе нема да биде интересен“, додава Рутковски.

Сѐ повеќе луѓе ги користат генераторите на слики со вештачка интелигенција. Компанијата „OpenAI“, основана од Илон Маск, го лансираше својот генератор „DALL-E“ во септември. Пред да ја укине листата на чекање, од компанијата рекле дека програмата има повеќе од 1,5 милиони корисници.

Уметниците и дизајнерите сметаат дека леснотијата со која вештачката интелигенција може да ги копира стиловите, може да предизвика финансиски последици за нив.

Во моментов не е јасно дали и колку законите за авторски права ги штитат уметниците, но и новите дела генерирани со вештачка интелигенција. Американскиот закон за авторски права ги штити уметниците само од репродукција на нивните вистински уметнички дела, но не и кога некој друг го имитира нивниот стил.

Дел од генераторите на слики за „Инсајдер“ рекле дека работат на систем со помош на кој уметниците ќе можат да се откажат доколку не сакаат програмите да бидат обучени за нивниот стил и начин на работа.