„Вотсап“ доби казна од 225 милиони евра од европските регулатори за заштита на податоци

фото: arivera на Pixabay

Ирската комисија за заштита на податоците ја казни апликацијата за пораки „Вотсап“ со 225 милиони евра, јави „Би-би-си“.

Казната се однесува на истрагата која започна во 2018 година, а која се водеше околу тоа дали апликацијата била доволно транспарентна за тоа како постапува со информациите за корисниците. „Вотсап“  оттогаш неколку пати ги промени политиките за управување со податоците. Во образложение на 89 страни, Ирската комисија забележува дека апликацијата не ги информирала соодветно граѓаните на ЕУ за тоа како ги користи нивните лични податоци, ниту пак како тие информации ги споделува со матичната компанија Фејсбук.

Ова е најголемата парична казна досега изречена од ирскиот надзорник за кршење на прописите за приватност и втора по висина определена од европските регулатори за заштита на податоците. Европското седиште на сопственикот на „Вотсап“, Фејсбук, се наоѓа во Ирска, па ирскиот регулатор е главниот надзорен орган за тенолошкиот гигант во Европа.

Од апликацијата за пораки не се согласуваат со одлуката и висината на казната, па велат дека планираат да поднесат жалба.

Досега само „Амазон“ е казнет со повисока сума за кршење на правилата на регултативата за заштита на податоците во ЕУ. Во јули, регулаторот на Луксембург го казни „Амазон“ со 746 милиони евра за непочитување на законите за обработка на податоци.

Општата регулатива за заштита на податоците во Европа регулира како технолошките компании ги собираат и ги користат податоците на граѓаните на ЕУ. Истата стапи на сила во мај 2018 година, а „Вотсап“ е една од првите компании кои заработија тужби според регулативата.