„Ворлдкоин“ забранет во Кенија, илјадници граѓани чекаат во редици за пари

Новата криптовалута основана од американскиот претприемач Сем Алтман нуди бесплатни дигитални токени за секој човек што ќе се согласи да му биде скенирано окото

фото: Worldcoin преку Wikimedia Commons

Владата на Кенија му наложи на новиот проект за криптовалути наречен „Worldcoin“ (Вордлдкоин) да престане со регистрација на нови корисници, повикувајќи се на загриженост околу приватноста на податоците на граѓаните.

„Ворлдкоин“ – криптовалута основана од американскиот претприемач Сем Алтман, нуди бесплатни дигитални токени за секој човек што ќе се согласи да му биде скенирано окото. Алтман е извршен директор на компанијата „Опен АИ“, која стои зад популарниот четбот ChatGPT.

Илјадници Кенијци неколку денови чекаа во редици во центрите за регистрација за да добијат криптовалути во вредност од околу 50 американски долари, пишува Би-би-си.

Редици на многу места во светот беа забележани и првиот ден од лансирањето на проектот, кога луѓето чекаа за да погледнат во сребрените топчиња и да им бидат скенирани очите, објави британскиот радиодифузер на 25 јули.

Кога го најави проектот, Алтман рече дека се надева оти иницијативата ќе помогне да се потврди дали некој е човек или робот.

„Ворлдкоин може драстично да ги зголеми економските можности, да изгради доверливо решение за разликување на луѓето од вештачката интелигенција на интернет, притоа зачувувајќи ја приватноста“, тврди Алтман во писмото објавено на веб-страницата на компанијата.

Откако пред две години започна тестирањето на сребрените скенери, Ворлдкоин тврди дека повеќе од два милиони луѓе биле додадени во базата на податоци во 33 различни земји. Според компанијата, најмногу регистрации имало во Европа, Индија и Јужна Африка.

Откако ќе заврши процесот на скенирање на лицето и ирисот, корисникот добива 25 Ворлдкоин токени, од кои во моментов секој вреди околу 2 долара.

И покрај тоа што е американска компанија, криптовалутата не е достапна за американските граѓани поради регулаторни грижи.

Кенија ги предупреди своите граѓани да бидат претпазливи кога ги даваат своите податоци на приватни компании. Во соопштението на кениската Управа за комуникации се вели дека постои загриженост за тоа како се чувале биометриските податоци, околу нудењето пари во замена за податоци, и за фактот што една приватна компанија располага со толку многу податоци.

Министерството за внатрешни работи во земјата започна истрага за Ворлдкоин и ги повика безбедносните служби и агенциите за заштита на податоците да ја утврдат неговата автентичност и законитост.

Од компанијата, како што пренесе Би-би-си, велат дека не можат да кажат колку граѓани на Кенија досега ги скенирале своите очи. Ворлдкоин тврди дека создава нова „глобална идентитетска и финансиска мрежа“.

Според кениските закони, граѓаните имаат право да не откриваат лични податоци кога некој им ги бара без конкретна причина и цел.