Во Тетово е опасно да се вози велосипед (ФОТО)

Во СВР Тетово инфофмираат дека лани во тетовскиот регион се случиле 21 сообраќајна несреќа во која учествувале велосипедисти

Фото: Порталб

Во Тетово нема посебни патеки за велосипедистите. Тоа е причина граѓаните кои возат велосипеди да бидат во постојана опасност, бидејќи мораат да минуваат по улиците каде што се движат и автомобилите. Согласно податоците од СВР Тетово, има велосипедисти кои се жртви во сообраќајни несреќи, пренесува Порталб. Тетовци бараат решение, а од општинските власти нема изгледи дека овој проблем ќе се реши.

Професорот Џељаљ Зејнељи, кој граѓаните, покрај по неговата професија, го знаат и како велосипедист, за Порталб.мк вели дека недостигот од велосипедски патеки ги става во ризик и велосипедистите и возачите.

„Во старите делови на градот или во неговата чаршија изградбата на велосипедските патеки е тешко остварлива работа. Овие делови од градот имаат тесни улички и поради тоа тука нема простор. Велосипедските патеки му се потребни на еден град затоа што го олеснуваат сообраќајот и на возилата, и на пешаците и на велосипедистите. Но, вакви патеки не може да се градат ниту на улиците каде што се движат возилата, а ниту пак на тротоарите. Тоа е затоа што улиците се наменети за сообраќај на возилата, а тротоарите – за пешаците. Општинските власти мора постојано да бараат начини или форми за изградба на вакви патеки поради тоа што тие значително го олеснуваат патниот сообраќај, како и движењето на пешаците“, потенцира Зејнели.

Добро е да има вело патеки бидејќи по нив би можеле да се движат и корисниците на електрични тротинети, велат во граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Оттаму коментираат дека градот не обезбедува услови за возење со велосипед оти тротоарите и споредните патеки на улиците се користат за паркирање, а тоа го оневозможува слободното движење со велосипед.

„Треба да се спроведат едукативни кампањи за подигање на свеста на учесниците во сообраќајот кон велосипедистите, но зошто да не и за возачите на електричните тротинети. Во моментов и двете овие категории на возачи се изложени на ризик при учество во сообраќајот бидејќи не се почитуваат од ниту еден друг учесник во сообраќајот. Велосипедските патеки мора да се обноват, но по соодветни стандарди со кои би се избегнало паркирањето на автомобилите во секоја населба во градот, а особено на булеварите каде што има зонско паркирање“, велат од организацијата.

Во СВР Тетово информираат дека лани во тетовскиот регион, се случиле 21 сообраќајна несреќа во која учествувале велосипедисти.

„Од нив, во 19 несреќи, 19 велосипедисти се здобиле со полесни повреди, еден од нив им подлегнал на повредите во сообраќајната несреќа, а еден велосипедист поминал неповреден. Годинава, во тетовскиот регион се случиле вкупно 5 сообраќајни несреќи во кои учествувале велосипедисти, од кои 4 се здобиле со телесни повреди, а на еден му се констатирани тешки телесни повреди“, соопштија од СВР Тетово.

Општинскиот советник од Демократската унија за интеграција, Лиридон Диша, на прашање на Порталб за овој проблем, рече дека актуелното општинско раководство донело одлука за отстранување на велосипедска патека врз основа на судска одлука која според нив не постои.

„Граѓаните бараат велосипедски патеки, но нив ги нема. Неколкупати апелиравме до градоначалникот на општина Тетово дека поставувањето велосипедски патеки е во најдобар интерес на граѓаните, бидејќи го олеснува хаосот во сообраќајот, влијае и на намалувањето на загадувањето на воздухот во нашиот град“, рече Диша.

Од друга страна, општинските власти информираат дека работат на случајот за велосипедски патеки, но не кажуваат детали.

„Кога ќе имаме изготвено план, ќе им соопштиме на медиумите. Се работи на случајот“, кусо одговори претседателот на општинскиот Совет, Бесар Дурмиши.

Инаку, потсетуваме дека во Тетово во 2021 година беше направена велосипедската патека покрај булеварот „Илинден“ од тогашното раководство на чело со Теута Арифи. За овој проект имаше многу критики околу начинот на кој беше изведен.

По доаѓањето на чело на општината, актуелниот градоначалник – Биљал Касами во ноември 2021, година ја тргна оваа патека со образложение дека има злоупотреби во проектот, и дека се води судски процес во кој има тужба против претходната градоначалничка Теута Арифи за реализација на проект во спротивност со законот. Тој дури поднесе и тужба до Обвинителството против Арифи. Но, од Обвинителството не дадоа одговор за Порталб.мк околу тоа до каде е стигнат овој процес.