Во Скопје се одржа првиот Регионален младински саем за вработување

Извор на фотографија: НМСМ

Првиот регионален младински саем за вработување денеска се одржа во хотелот Александар Палас во Скопје, којшто беше посетен од повеќе од 150 лица на возраст од 18 до 29 години коишто бараат работа, информираат од Националниот младински совет на Македонија.

На саемот се претставија повеќе од 30 компании од различни индустрии, меѓу кои ИТ, маркетинг и односи со јавноста, човечки ресурси, трговија и продажба, како и неформално образование.

Регионалниот младински саем за вработување се реализираше во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Официјалното отворање на настанот започна со поздравни говори на претставниците од Националниот младински совет на Македонија и Британската амбасада во Скопје, кои ја потенцираа важноста на обезбедување поддршка за младите за нивно полесно вклучување на пазарот на трудот.

„Горди сме што како влада на Обединетото Кралство имаме можност да поддржиме проекти кои им нудат директна помош на младите луѓе во Северна Македонија. Ова подразбира иницијативи како МладиХаб и Регионалниот саем за вработување. Важно е да инвестираме во младите бидејќи тие се движечката сила на иднината. Соработуваме со локални организации како Националниот младински совет на Македонија со цел да создадеме повеќе можности за младите преку поддржување на нивните професионални вештини”, изјави Ендру Бренд, раководител на програма во Британската Амбасада во Скопје.

Покрај поставените штандови, во рамки на денешниот саем се одржа и “speed dating”, односно фокусирано запознавање помеѓу кандидатите и компаниите во краток временски интервал, а се спроведоа и повеќе од 100 интервјуа за работа.

Младите лица кои беа дел од овој настан имаа и можност да проследат куса обука за кариерно насочување организирана од Националниот младински совет на Македонија и партнерската организација CEED Hub Скопје.

„Преку практикантската програма што ја спроведовме минатата година, која даде одлични резултати, веќе имавме можност да бидеме посредник помеѓу младите кои бараат работа и компаниите кои нудат работа. Токму затоа, веруваме дека овој саем, кој е замислен како платформа за вмрежување на младите баратели на работа со соодветните компании, ќе резултира со нови познанства, искуства, но и со што повеќе работни места за младите во регионот,” посочи Мариана Ангелова, генерален секретар на НМСМ.