Фото: Мета.мк

Викендов низ светот се одржаа пропалестински протести, а денеска и во Скопје имаше протест за поддршка на палестинскиот народ. Социјалниот центар „Дуња“ и „Гласни идеи“ на плоштадот Македонија го организираа протестот во знак за солидарност со палестинскиот народ и нивниот отпор. Левичарскиот протест помина во апел за да сопре окупацијата на Газа и нејзиното бомбардирање од страна на Израел, како да запре присилното иселување на Палестинците.

Својот револт денеска во исто време и на идентично место во Скопје го искажаа и муслимански верници, кои организираа марш од плоштадот Македонија кон Музејот на холокаустот. Тие скандираа „Алаху Акбар“ и држеа транспаренти и банери со натписи „Ал Акса секогаш ќе ни значи“, „Стоп за крвопролевањето во Палестина“, „Против присилно иселување“ и „Израел, целиот свет гледа“.

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху преку Твитер денеска им се заблагодари на земјите кои го поддржаа Израел во последните судири со Палестинците. Меѓу балканските земји, се најде и знамето на Северна Македонија.

„Ви благодарам што цврсто стоите со Израел и го поддржувате нашето право да се браниме од терористички напади“, напиша Нетанјаху на својот официјален профил на Твитер.

Инаку, протестот за поддршка на палестинскиот народ во Скопје помина мирно, но тоа не беше случај со собирите што се одржаа во другите земји низ светот. Во Париз, полицијата со водени топови ги растури пропалестинските протести, кои беа забранети од француското Министерство за внатрешни работи. Жесток протест имаше и во Атина, каде грчката полиција употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.

Според последните податоци што ги објави лондонскиот весник Гардијан, во меѓусебните бомбардирања досега загинаа 181 Палестинец и 10 Израелци. Најголем дел од загинатите од двете страни се цивилни жртви, кои случајно се нашле на местото на нападите во Газа и низ израелските градови.