Во сабота доделување на стрип-наградата ЛИФТ #3 во кафе-книжарница „Буква“

Фото: Издавачка куќа „Темплум“

Во сабота, 27 февруари, во 13 часот, во кафе-книжарницата Буква (зад Кино Култура во Скопје) ќе се одржи доделувањето на наградите од Третиот годишен конкурс за стрип ЛИФТ за 2020 година. Притоа ќе биде промовирана и книгата ЛИФТ #3 во која се собрани сите пристигнати дела на конкурсот.

Оваа година главната награда ја доби Евгенија Трајковска за стрипот „Назад во 2019-та“. Нејзината графичка приказна се издвои од сите други, и во нејзиниот случај жирито имаше сосема унисони ставови.

Второто место го делат три стрипа: „Можност“ на Климентина Соколовска, „Воена песна“ на Анастасија Зафировска и „Promise“ на Иван Коминовски.

Жирито го сочинува: Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Битољану.

Во книгата ќе бидат застапени и следните автор(к)и од конкурсот: Теодора Крстевска, Стефана Димитриеска, Кристина Ѓорѓиовска, Кристина Таневска и Наталија Наумовска, Мирко Попов и Артур Попов – Кујача, Магдалена Јовеска, Сара Божиноска, Христијан Нашуловски, Надица Тренчева, Ева Дејановска и Евгенија Трајковска.

На настанот со големи попусти ќе се продаваат и петнаесетината досегашни изданија на едицијата графички новели ЛИФТ од издавачката куќа Темплум.

Целта на стрип-наградата ЛИФТ е да ги промовира и афирмира овдешните стрип-автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесе за развој на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – што ќе придонесе за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор.