Во една просторија државна матура ќе полагаат 15 ученици, пред влез во училиштата ќе се мери температура

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) го објави протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура која ќе се одржи на 5 јуни. Со него е предвидено при влегување во училиштето да се врши мерење на температурата на секој ученик и секој инволвиран во реализација на државната матура, како и дезинфекција на рацете. Задолжително е и носењето заштитна маска на денот на испитите, за цело времетраење на истите.

Учениците согласно утврден распоред ќе влегуваат во училниците во периодот од 9.15 до 10.00 часот, а со себе задолжително мора да носат документ за лична идентификација и прибор за пишување.

Училиштата ќе треба да организираат просторот во училниците, со цел спроведување на редот и одржување на потребното физичко растојание меѓу учениците од минимум 2 метри со присуство на максимум 15 кандидати во една просторија. При што, задолжително да се врши дезинфекција на клупите и столчињата во просториите каде ќе се врши полагањето на учениците, со дезинфекционо средство кое делува на вируси според упатство од производителот.

Просториите во кои ќе се реализира државната матура, пред почеток на испитите да се проветруваат или доколку овозможуваат временските услови се остава отворен прозорец, а по завршување на полагањето учениците да го напуштат просторот движејќи се по означените насоки на движење.

Средните училишта се должни да обезбедат санитарно-хигиенски услови и да постават средства за дезинфекција пред училиштето и да се врши задолжителна дезинфекција на рацете на сите ученици и сите инволвирани во реализација на државната матура пред да влезат во училиштето.

Освен ова, училиштата треба да ги означат влезовите за влез и излез од местото каде што ќе се одржува полагањето, како и патеки за еднонасочно движење, со поставени ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето.

Должност на училиштето е и да има организирана редарска служба во училиштето, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метри пред влегувањето и внатре во училиштето, и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари за во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.

Меѓудругото, во протоколот наведено е и: редовно одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства. А на крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот. Алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер (1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Освен овој Протокол важи и Протоколот за постапување на средните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, со напомена за строго почитување на пропишаните превентивни мерки.

Организаторите на полагањето на државната матура ќе сносат полна одговорност за контрола и правилно спроведување на протоколните мерки.