Државната матура ќе започне на 5 јуни, една недела подоцна од предвидениот термин на 29 мај

Фото: Арбнора Мемети

Да се полагаат два екстерни испити, третиот испит да се трансформира во интерен, а државната матура да се полага на 5 јуни, една недела подоцна од веќе претходно утврдениот термин на 29 мај. Ова е компромисното решение кое го соопшти премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со претставникот на Сојузот на средношколците, Бленди Ходаи.

„Освен ова, предвидено е да се формира и работна група помеѓу Бирото за развој на образованието во надлежност на Министерството за образование и наука и претставници од Сојузот на средношколците, кое ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити“ рече Заев, кој посочи дека со ова решение ниту еден матурант нема да има проблем да се запише на домашните или странските факултети.

Претседалот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи истакна дека работната група со наставници ќе работи до средината на март, а истата предвидува тие да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали се подразбира: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот, кои би требало да содржат најмалку 60 и најмногу 100 прашања.

„Ова заедничко решение е олеснително и соодвествува на вонредните услови во кои се одвива наставата. Не баравме да не учиме како што не обвинуваа, ниту пак баравме да не полагаме матура. Баравме да бидеме слушнати и баравме реални промени. Со компромисот што го постигнавме, веруваме дека ќе има реално кратење на испитните програми за екстерните испити, а другите елементи дополнително ќе го олеснат полагањето на државната матура“ истакна Ходаи.

Воедно, тој рече дека матурантите покажале зрелост и мудрост, а до нив упати и честитки за единството, упорноста и пожртвуваноста во изминатиот период кој како што рече тој, резултирала со успешност во добивање на заслужено внимание од институциите, исполнување на барањата без да му штети на системот.

Минатата недела, претставници на Сојузот на средношколци остварија средба со премиерот Зоран Заев, на која разговараа за нивните барања поврзани со промена во моделот на државната матура. Подоцна, тие соопштија дека го прифаќаат предлогот на Владата, кое подразбира да се полагаат два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во текот на денот имаше консултативни состаноци со претставници од компаниите, локалните самоуправи и средните стручни училишта во Прилеп и Битола, и не беше присутна на денешната прес-конференција на која се обратија Заев и Ходаи.