Во ДКЦ „Карпош“ отворен едукативен центар за природни науки за млади до 17 години (галерија)

Фото: Град Скопје

Деца и млади од 5 до 17 години отсега ќе може да го користат новиот едукативен центар во склоп на Детскиот културен центар „Карпош“ кој ќе служи за надградување на вештини и знаења од областа на природните науки. Центарот е опремен со интерактивен панел кој овозможува 3Д модели од анатомија, микроскопи, анатомски модели од човековото тело, модели на ДНК, целосен хемиски лабораториски сет и апарат за дестилација.

„Станува збор за центар во кој нашите деца, нашите ученици, ќе можат надвор од своите редовни школски активности да ги развиваат своите афинитети кон природните науки во најсовремени услови кои беа овозможени благодарение на оваа донација. Ќе ги повикам и другите општествено одговорни компании во нашиот град да инвестираат во знаењето на децата, на оние што ќе треба да бидат носители во нашето општество“ рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Oпремата за едукативниот центар е донација од фармацевтската компанија „Варус“, која го одбележува својот 30-годишен јубилеј.

„Како одбележување на 30-годишнината на „Варус“, овој центар за природни науки претставува наш мал придонес во развојот на потенцијалите на нашите најмлади истражувачи и идни научници во државата. Се надеваме дека дополнително ќе го поттикнеме нивното љубопитство за природните науки, да ги прошират своите хоризонти и да ги остварат своите идеи“ истакна Марко Нововиќ, директор на компанијата „Варус“.