Во Бугарија петиција против партнерството на „Еуроњус“ со „ТВ Европа“

Фотомонтажа: Атанас Чобанов на Change.org

Бугарски интелектуалци и новинари вчера, на Светскиот ден на слобода на медиумите, почнаа петиција со пет прашања до европскиот информативен гигант „Еуроњус“, откако оттаму беше најавено формирањето нов информативен телевизиски канал „Еуроњус Бугарија“, во стратешко партнерство со бугарската „Телевизија Европа“.

Како што пренесе mediapool.bg, во петицијата отпочната од Атанас Чобанов, главниот уредник на сајтот за истражувачко новинарство „Бивол“ се упатуваат прашања до „Еуроњус“ дали е свесен дека основниот бизнис на сопственикот на ТВ Европа, кој ќе прерасне во „Еуроњус Бугарија“, Добрин Иванов, е трговијата со оружје, и дека преку неа e вклучен во скандалот на друг бугарски трговец со оружје со „Новичок“. Бугарската петиција прашува и дали „Еуроњус“ е свесен дека Добрин Иванов има заеднички бизнис интереси со поранешниот пратеник од ДПС и многу контроверзен бизнисмен и медиумски сопственик, но и филантроп, Делјан Пеевски.

Во петицијата се потсетува и дека Бугарија е на 112-то место на ранг листата на Репортери без граници, што е најлошиот резултат во Европа кога ќе се исклучат Русија, Белорусија и Турција, и се посочува дека главниот уредник на ТВ Европа, Георги Харизанов, има правосилна пресуда за рекетирање.