ВМРО, Левица и Зелен хуман град против изградбата на автобуско метро во Скопје

„Денеска во Советот ќе се знаат многу работи – или ќе продолжиме да го блокираме Скопје и да го заглавуваме уште повеќе, или ќе се обидеме да излеземе од партиските матрици сите ние и ќе го изгласаме проектот“, рече Гордан Шутаров, советник од СДСМ

Предвидените траси за двете линии на брз автобуски превоз во Скопје. Илустрација: Град Скопје

Тоталната блокада на главниот град продолжува и во однос на реализацијата на проектот за воведување алтернативен и висококапацитетен јавен превоз во Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска со месеци претходно ја одложуваше реализацијата на автобуското метро – Бас рапид транзит, за пред неколку дена од Град Скопје да соопштат дека ги коригирале пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство.

Но, реализацијата на алтернативен јавен превоз во Скопје сега ја кочат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Зелен хуман град, при што Советот на Град Скопје на вчерашната седница не дадоа согласност за воведување брзиот автобуски превоз (БРТ). Поради ова, реализацијата на овој проект останува неизвесна, бидејќи советниците мора да ја одобрат неговата реализација пред истиот да продолжи да се изведува.

На вчерашното гласање за оваа одлука 19 советници беа „за“, а двајца гласаа „против“ и двајца беа воздржани. Дел од советниците, претежно од ВМРО-ДПМНЕ, одбија да гласаат, со што оваа точка не го доби потребното мнозинство за да се даде согласност за реализација на автобуското метро.

ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на изградбата на автобуското метро, порачувајќи дека проектот не бил дел од програмата „За модерно Скопје“ на градоначалничката Данела Арсовска. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат оскудни информации за проектот, не знаат дали ќе се гради нов мост Обединети нации во Карпош, дали ќе се уништело средишното зеленило по булеварите и паркот во Ново Лисиче и какви автобуси ќе се набавеле за идните линии.

Од Левица пак на вчерашната седница побараа во Скопје наместо БРТ да се градел трамвај. Советникот Амир Мециновиќ побара Градот Скопје да размисли за воведување на трамвајски превоз, а за автобуското метро велат дека е половично решение. Од Левица бараат да се искористи и железничката инфраструктура во Скопје, бидејќи речиси сите градови во Европа имале надземен железнички превоз.

Советничката група на СДСМ на вчерашната седница дадоа поддршка за изградба на автобуското метро во Скопје. Гордан Шутаров од СДСМ рече дека Советот на град Скопје треба да донесе одлука за капитален проект, кој може да остави печат во работењето на Градот Скопје.

„Денеска во Советот ќе се знаат многу работи – или ќе продолжиме да го блокираме Скопје и да го заглавуваме уште повеќе, или ќе се обидеме да излеземе од партиските матрици сите ние и ќе го изгласаме проектот“, рече Гордан Шутаров, советник од СДСМ.

На крајот, советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Зелен хуман град не дадоа поддршка на реализацијата на автобуското метро во Скопје.

Инаку, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на 15 ноември го потпиша договорот за имплементација на Системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, во соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и Градот Скопје. Владата ги обезбеди и неопходните 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за изградба на двете БРТ линии меѓу Ново Лисиче и Ѓорче Петров и меѓу Бутел и Пинтија.

Потпишан договорот за изградба на автобуското метро во Скопје

Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во 2021 година беа во фаза на заедничка изработка на целокупната техничка документација за изведба на автобуското метро, а во пролетта истата година беше потпишан и договорот за подигање заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 70 милиони евра.