Потпишан договорот за изградба на автобуското метро во Скопје

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека проектот ќе чини 70 милиони евра, кои се обезбедени преку владата од Европската банка за обнова и развој

Фото: Архива на Мета.мк

Откако Градот Скопје деновиве излезе со информација дека ќе ја продолжи реализацијата на автобуското метро, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпиша договорот за имплементација на Системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, во соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и Градот Скопје.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека проектот ќе чини 70 милиони евра, кои се обезбедени преку владата од Европската банка за обнова и развој.

„Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ. Новиот систем е предвидено да има две линии кои ќе го поврзуваат градот по линија исток-запад, првата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и втората линија север-југ, од Бутел до Пинтија, а двете линии ќе се преклопуваат во центарот на градот“, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Градот Скопје пред неколку дена соопшти дека две години траело отстранувањето на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство за реализација на автобуското метро.

Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје во 2021 година беа во фаза на заедничка изработка на целокупната техничка документација за изведба на автобуското метро, а во пролетта истата година беше потпишан и договорот за подигање заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 70 милиони евра.