По две години пауза, Градот Скопје одлучи да го гради автобуското метро

Тие додаваат дека во основниот идеен проект биле детектирани сериозни пречки за реализација, кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација биле надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект

Автобуското метро во Римини, Италија; Фото: Мета.мк

Системот за брз автобуски превоз во Скопје (БРТ-Скопје) ќе се реализира. Градот Скопје денеска соопшти дека две години траело отстранувањето на пречките на проектот предизвикани од претходното градско раководство, додавајќи дека главниот град конечно ќе добие нов транспортен систем.

„Системот за Брз автобуски превоз доби зелено светло од меѓународните партнери со што започнува неговата реализација во главниот град. Проектот подразбира изградба на два нови терминали, на транспортни центри, обезбедување на непречено сообраќање на автобусите, како и набавка на нови еколошки автобуси кои користат ЦНГ“, стои во соопштението од Град Скопје.

Тие додаваат дека во основниот идеен проект биле детектирани сериозни пречки за реализација, кои благодарение на посветеноста и работата на градската администрација биле надминати и со нивно отстранување се овозможува непречена реализација на овој проект.

„Новите еколошки автобуси и ревидираниот систем значително ќе го намалат сообраќајниот хаос во главниот град и ќе овозможат јавниот превоз да се одвива непречено, а доцнењето да биде минато. Затоа е важно сè што е во интерес на граѓаните да се реализира, а тие да добијат градски превоз како што доликува на главниот град“, соопштија денеска од Град Скопје.

Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје во 2021 година беа во фаза на заедничка изработка на целокупната техничка документација за изведба на автобуското метро, а во пролетта истата година беше потпишан и договорот за подигање заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 70 милиони евра.

Планирано е со овие средства да се градат две засебни траси на автобуското метро, при што најпрво би започнала да се гради првата БРТ линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

Тендерот за изградба на автобуското метро во Скопје беше објавен во октомври 2021 година од страна на претходното градско раководство, но новата градоначалничка Данела Арсовска одлучи да го стопира спроведување на тендерот во текот на декември 2021 година.

Инаку, Мета.мк летово пишуваше дека реализацијата на проектот за Брз автобуски систем во Скопје е во застој. Тогаш апелиравме да се забрза постапката за имплементација на алтернативен систем за јавен превоз во Скопје, земајќи го предвид драматичниот раст на бројот на автомобили и намалувањето на бројот на патници во скопскиот јавен превоз.

Цела година ништо не се презема за изградба на автобуското метро во Скопје

Мета.мк летово објави и репортажа од италијанскиот град Римини, во кој изминативе години беше успешно имплементирана линија од брзиот автобуски систем.

Автобуско метро во Римини – побрз јавен превоз налик на она што му треба на Скопје [галерија]