Студентите ќе добиваат ваучери од државата за меѓуградски превоз

Во следниве седум месеци, студентите ќе добиваат од 600 до 1.200 денари месечно - средства кои ќе може да ги искористат за превоз од дома до градот каде студираат

Фото: Архива на Мета.мк

Студентите се најдоа меѓу ранливите категории граѓани за кои се наменети новите антикризни мерки што денеска ги најави премиерот Димитар Ковачевски.

Станува збор за деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, кој денеска беше усвоен на владина седница.

Мерките кои ги засегаат студентите се однесуваат на оние кои студираат надвор од местото на живеење.

Како што соопштија од Владата, околу 15.000 студенти што живеат надвор од местото на студирање ќе добиваат ваучер за превоз.

Во наредните седум месеци, односно од декември па сè до јуни, студентите ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари.

За оваа мерка се предвидени вкупно 2 милиони евра, информираше премиерот Ковачевски, без да сподели повеќе детали за тоа на кој начин студентите ќе ги добиваат и ќе ги користат ваучерите.

Мета.мк веќе со месеци пишува за „плафонските“ цени на билетите за меѓуградски автобуски превоз, што особено ги погодува студентите и претставува дополнителен товар за скромниот студентски буџет, бидејќи тие почесто патуваат на релација од дома кон градот на студирање и обратно.

Иако цените на нафтените деривати се стабилизираа одамна, цените на автобуските билети остануваат високи.

Повеќето превозници не нудат ниту студентски попусти, а некои ниту повратни билети.

Цените на горивата паднаа, билетите во меѓуградскиот автобуски превоз останаа скапи [инфографик]