Пандемијата проаѓа, цените на горивата се стабилизираа, но автобуските билети останаа скапи

Фото: Мета.мк

Еден ден по започнувањето на академската 2022/23 година, цените на меѓуградските автобуски билети што зимава се покачија, остануваат непроменети.

Студентите кои од другите градови патуваат до главниот град или до градовите каде има универзитет, се оставени сами на себе во однос на зголемените трошоци за патување. За некои тоа значи двојни давачки, а за некои три пати поголеми отколку минатата година ова време.

Така, на пример, студент што патува од Куманово до Скопје, ако некогаш плаќал 100 денари за автобуски билет во еден правец, зимава истиот го чинеше 150, а во моментов истиот го чини 170 денари.

Слична е ситуацијата и со билетите од Тетово до Скопје и обратно, минатиот октомври просечната цена беше 120 денари, а сега цената е фиксна за сите превозници и покачена на 200 денари.

За релацијата Охрид – Скопје, претходно повратниот билет изнесуваше 860 денари, а сега толку чини билет во еден правец, додека повратниот изнесува 1.100 денари. Покачен е и билетот на линијата Битола – Скопје што од 680 денари повратен скокна на 980, а во моментов билетот во еден правец чини 630 денари.

Мета.мк за време на минатата учебна година, во неколку наврати пишуваше за влијанието што растот на цените на автобуските билети го има врз студентите, а за истото реагираше и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Претходната академска година, најголем дел од факултетите на универзитетите во земјава практикуваа онлајн настава, па за дел од студентите наместо враќањето на студентскиот живот со физичко присуство да значи позитивна вест, значеше паника и грижа за трошоците за превоз до факултет.

Утре, 3 октомври, сите студенти наставата ќе ја следат со физичко присуство како и пред пандемијата. Сепак, еден ден на факултет студентот и неговите родители ќе ги чини три пати повеќе отколку во 2018 година.

Превозниците со врзани раце

Иако бензините во последниов месец бележат пад, цената на дизелот и метанот што го користат најголемиот дел од превозничките компании останува висока.

„Нашата компанија прави анализа за сите трошоци поврзани со превозот, и не е само горивото во прашање. Во најбрзо време ќе донесеме одлука за цените на патните билети“, гласи одговорот што Мета.мк минатиот месец го доби од „Руле турс“.

На прашањето дали е донесена нова одлука во тековниов месец, до денот на објавување на оваа статија не добивме одговор.

Превозникот АД „Галеб“ – Охрид, пред пандемијата и пред поскапувањето на билетите нудеше одлична можност за студентите, попуст на билетот за 50 денари. Ако патникот е студент и патува во периодот од 17:45 до 21:00 часот од Охрид до Скопје, билетот наместо со регуларна цена од 490 денари го купуваше за 440 денари. Оваа можност повеќе не постои. Оттаму за Мета.мк информираа дека истата е укината и дека сега за сите патници билетот изнесува 860 денари.

Иако Владата на Република Северна Македонија, по долги напори на студентските организации, повторно го врати во функција бесплатниот железнички превоз за студентите секој четврток како и секој втор викенд од месецот, возовите не се во функција во сите градови.

Некои студенти како оние кои патуваат од Тетово до Скопје каде во моментов нема воз што редовно сообраќа се принудени да патуваат со автобус.