fbpx

ВМРO-ДПМНЕ: Заев молчи и не застанува во одбрана на Македонија

-

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение наведува дека премиерот Зоран Заев за време на изборната кампања ветувал дебата за сите позначајни прашања за државата, но дека тоа сега не се спроведува. Од партијата истакнуваат дека Заев воопшто не се спротиставува на националистичките изјави што доаѓаат од соседството.

„Заев од Софија кажа дека ќе брише делови од македонските учебници по историја, без притоа да каже кој и како ќе одлучува што треба да биде избришано. Додека Заев ја обвинува Република Македонија за ширење национализам и омраза, од многу страни доаѓаат изјави полни со национализам кои ја негираат македонската држава, јазик, култура и историја, на кои Заев молчи и не застанува во одбрана на Република Македонија, што како премиер е должен да го прави. Заев, како премиер на Република Македонија, молчи на изјавите на Димитров дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, исто како што молчи и за изјавите на сопартијците на Каракачанов според кои Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, туку имаат иста историја“, стои во соопштението.

Од опозициската партија истакнуваат дека се залагаат за градење добрососедски односи базирани на заемно почитување.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи сè што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава“, се вели во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.