Фото: Арбнора Мемети

ВМРО-ДПМНЕ денеска до Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги достави потписите и записниците за започнување на иницијатива за собирање на потписи за поднесување на предлог-закон за поништување на донесениот Закон за попис. Како што веќе најавија од опозициската партија, донесениот Закон нема да ја прикаже реалната состојба на жители во државава, а исто така, поради пандемијата на корона вирусот, пописот не треба да се спроведе сега во април, туку треба да се одложи за в година, по примерот на повеќе соседни и европски држави.

„Укажавме дека никаде во светот нема попис на резидентно население. Апелираме и укажуваме до власта, да се прекине со постапката за попис, бидејќи секаде во Европа и во светот, пописите се одложени за 2022 година. Ја повикуваме власта да се одважи и да го одложи пописот за 2022 година, да направат забелешки во текстот на Законот и да го подобрат, за да може да имаме онаков попис, каков што е потребен за развој на државата. Бидејќи сегашниот текст на Законот за попис нема да донесе ништо што е различно од она што го имаме ние како државјанства“, изјави на прес-конференција Ѓорѓија Сајковски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ испратија реакција во врска со барањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Законот за попис, кој денеска ВМРО-ДПМНЕ го оспорува, се подготвува од март 2018 година, а пред да влезе во собраниска процедура, во него беа вградени забелешки на опозицијата и активно беа вклучени и консултирани и експерти“, соопштија од владејачката партија. 

Од СДСМ додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ, државата да изгуби уште една година без да добие целосни, точни и релевантни податоци, важни за креирање на долгорочни политики.

„Пописот ќе се одржи оваа пролет и ќе биде спроведен согласно сите меѓународни стандарди, сите пракси на Евростат и на Обединетите Нации. По цели 19 години Државниот завод за статистика ќе спроведе попис кој ќе донесе точни и целосни податоци за населението и домаќинствата. Нема да успеат обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го закочи овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.  

Според Законот за попис, донесен на 21 јануари 2021, пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април годинава. Последниот попис во државата беше спроведен во 2002 година.