Влезниците во културните установи за студентите поевтинуваат за 50 отсто

Со Меморандумот е утврден попуст од 50 проценти на влезниците за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата за сите студенти кои имаат индекс со заверен семестар

фото: Министерство за култура

Студентски попуст од 50 отсто се воведува на влезниците во сите државни културни установи во земјава, откако Министерството за култура и Универзитетското студентско собрание на УКИМ денеска потпишаа Меморандум за соработка.

Со Меморандумот е утврден попуст од 50 проценти на влезниците за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата за сите студенти кои имаат индекс со заверен семестар, информираше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Опфатени се сите национални установи. Според министерката, студентите ќе имаат еднаква можност за достапност на културната сцена, ќе се зголеми нивното присуство во културните установи и ќе се олесни студентскиот стандард.

Костадиновска-Стојчевска додаде и дека во новиот Закон за култура кој е во подготовка, се предвидуваат работни места и категории со нула работно искуство, односно со таа регулатива ќе им се овозможи на младите веднаш да имаат услови за вработување во националните установи.

„Заради големиот дефицит на стручни кадри, пратениците во Собранието поднесоа и Закон за измена на Законот за игрите на среќа со што ќе ги стипендираме дефицитарни кадри. Со тоа студентите кои би биле стипендирани преку оваа програма, веднаш ќе можат да бидат вработени во некоја од националните установи од областа на културата“, рече Костадиновска-Стојчевска.