Владата на вчерашната седница го усвои заклучокот со кој се укажува на јавниот радиодифузен сервис со вклучување на сите засегнати страни и релевантни институции да утврди стратешки пристап за реформа на МРТ и одржливо решение за реструктуирање на долгот на јавниот радиодифузен сервис и за истото да ја информира Европската комисија, преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври годинава, информираат од владината прес-служба.

„Се задолжува Министерството за информатичко општество и администрација во рамки на својот буџет да ги предвиди средствата определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за истото да ја информира Европската комисија (на англиски јазик), преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година“, се вели во владиното соопштение.

Донесените заклучоци следуваат по разгледувањето на информацијата за одржаниот четиринаесетти состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи помеѓу РСМ и ЕУ во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација.

Инаку, владината реакција доаѓа по објавениот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на нашата земја за 2020 година. Во поглавјето за слобода за изразување, ЕК нотираше дека реформата на МРТ се наоѓа во рана фаза и треба да му се даде приоритет на ова прашање.

Во Извештајот на ЕК се вели дека владата има дискреционо право со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да извршува трансфер на средства кон МРТ кои се помали од законски гарантираниот процент, кој во 2021 година треба да достигне еден отсто од приходите реализирани во државниот буџет за годинава.

„Поеднакво важно е да се најдат решенија за старите долгови на јавниот радиодифузен сервис кон државните институции. Потребни се дополнителни напори за да се подобри квалитетот на неговото известување и да се модернизираат неговите работни процедури и техничката опрема“, се вели во Извештајот на ЕК што се однесува за делот на МРТ.

ЕК констатираше дека и Собранието на РСМ не успеало да ги назначи новите членови на Програмскиот совет на МРТ, наведувајќи дека е потребно да се стави приоритет на реформите во МРТ преку обезбедување на нејзината финансиска одржливост и независност.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.